Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди ја заврши интерната истрага по претставката доставена од Здружението на новинари на Македонија. Од страна на Секторот изминативе 6 дена беа преземени сите неопходни мерки и активности за документирање и расчистување на сите околности во претставката. Овластени лица извршија службени разговори со сите инволвирани, а беа прегледани доставените материјали од пријавителот, но беше извршена и анализа на оригиналните материјали од безбедносниот видео-надзор во Собранието, како и во снимените материјали од неколку медиуми.
Од увидот во целокупниот виедео материјал, како и од извршените разговори, не може да се констатира прекумерна употреба на сила или пречекорување на овластувањата. Напротив, постапувањето на полициските службеници е согласно Законот Собрание, Законот за полиција, Кодексот на полициската етика и подзаконските акти.
Оттаму, СВКПС цени дека претставката поднесена од Здружение на новинари на Македонија за незаконско и непрофесионално постапување на полициски службеници на ден 24.12.2012 година во Собранието на РМ е неоснована.
Во извршените разговори со одговорните лица во Собранието е констатирано дека со обидот за отпочнување на закажаната пленарна седница, во објектот на Собранието ескалирале нарушувањата на редот од страна на група пратеници. Вон демократските процедури имало обиди физички да се пресметаат со Претседателот на Собранието на Р. Македонија попречувајќи го во извршувањето на функцијата за која има добиено мандат. Опколувањето и физичкото посегнување кон него биле проследени со бројни навреди и закани, но и уништување на опремата со која работат пратениците во салата.
Заради заканите по безбедноста Претседателот на Собранието на Р. Македонија морало да биде евакуиран, но блокирањето на говорницата и насилното попречување на редовното работење продолжи и натаму.
Врз основа на член 43 од Законот за Собрание на РМ, Претседателот побарал да се воспостави ред во собраниската сала и да се создадат услови за отпочнување на пленарна седница. Во координација биле договорени задачите и начинот на кој што ќе се постапи по барањето на Претседателот на Собранието. Во однос на претставниците на медиумите кои се наоѓаа во галеријата која е дел од собраниската сала, било проценето дека треба да им се укаже да ја напуштат салата се до создавањето на услови за нормално работење на Собранието и отпочнувањето на седницата.
Во полза на ваквото мислење оделе повеќе факти. Воспоставена практика во досегашното работење на Собранието била присуство на медиумите во салата кога пленарната седница е во тек. Освен тоа во галеријата можело да се забележи и присуството на пратеник кој учествувал во нарушувањето на редот во салата, што претставувало дополнителна грижа за можно користење на просторот наменет за медиуми и од други лица за други дејствија со кои повторно би можела да се попречи работата на пратениците. Истовремено од надвор пристигнувале информации за тензии и најави за можни инциденти со опасност од пробивање на полициските кордони, како и насилно влегување во Собранието.
Сите овие информации говореле во прилог на исклучително сложената состојба од аспект на обезбедувањето на редовното работење на Собранието и спречувањето насилни блокади на институциите.
Заради тие причини им било укажано на новинарите да ја напуштат галеријата и случувањата да ги следат од прес центарот, односно просторот исто така предвиден за нив, се до воспоставувањето ред и создавањето услови по кои би отпочнала седницата.
При укажувањето, најголемиот дел од новинарите постапи согласно барањето, сфаќајќи ја сериозноста на ситуацијата. Помал дел отпочнале да се конфронитраат со собраниското обезбедување, комуницирајќи со пратениците кои во салата го нарушуваа редот. Според исказот на присутните полициски службеници, еден од присутните новинари одбивајќи да постапи по укажувањето, пружил активен отпор, при што удрил едно од службените лица во пределот на градите и му го откорнал беџот за идентификација кој бил зацврстен на реверот од палтото, фрлајќи го во салата. Во еден момент на помош пришле уште двајца полициски службеници кои помогнале околу негово извлекување на што тој негодувал и со нога удрил еден од нив нанесувајќи му повреда во пределот на ногата.
Во однос на делот во претставката во која подносителот се повикува на членот 16 од Уставот на Република Македонија, Секторот за внатрешна контрола цени дека во негова надлежност е испитувањето на работата на полициските службеници согласно правните акти, а не утврдувањето на уставноста на актите, иако во членот 67 од Уставот на Република Македонија јасно стои дека „Претседателот на Собранието го претставува Собранието и се грижи за примена на Деловникот на Собранието“.
Во текот на денешниот ден, одговорот од СВКПС ќе биде доставен до подносителот.