Покачување на висината на паричната помош за студирање на лицата коишто до 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и без родителска грижа, од 9.000 денари на 12.000 денари, ако користат социјален стан под закуп, односно од 18.000 денари на 24.000 денари, ако не користат социјален стан под закуп.
Ова е предвидено, како што рече на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, во последните измени на Законот за социјална заштита, коишто се во владина процедура по скратена постапка.
Додаде дека ова право во моментот го користат 67 лица, од кои 23 лица го остваруваат ова право во висина од 9.000 денари, а останатите 44 лица го остваруваат правото во висина од 18.000 денари.
„За оваа намена од Буџетот на Министерството за труд и социјална политика во моментов се издвојуваат средства во висина 12 милиони денари на годишно ниво. Со предложените измени е предвидено средствата коишто ќе им се исплаќаат на корисниците да изнесуваат 16 милиони денари на годишно ниво, што практично значи зголемување на вкупниот износ за 4 милиони денари на годишно ниво“, рече Ристовски.
Тој информира дека пред да биде воведено правото, годишно во просек, на факултет се запишувале две до три деца со статус без родители и родителска грижа. За нецели две години од воведувањето на ова право, денес можноста за бесплатно студирање ја користат 67 лица.
„Овие измени се нашата новогодишна честитка за децата без родители и родителска грижа и сакам да потенцирам дека како Влада, ние и натаму ќе бидеме оние коишто никогаш нема да ги отават без грижа, односно оние коишто секогаш ќе размислуваат во насока на подобрување на нивната економско социјална положба во нашето општество“, истакна министерот Ристовски.
Владата на Република Македонија и Министерството за труд и социјална политика, како што потсети, изминатите години посветено работеа на подобрување на положбата на лицата коишто до 18-годишна возраст имале статус на деца без родители и без родителска грижа.
„Се работеше на подобрување на нивната економско-социјална положба, преку зголемување на износот на еднократна парична помош по напуштање на Установата од 30.000 на 180.000 денари, се преземаа мерки за нивно полесно вработување во чија насока беа неодамна усвоените законски измени со коишто им се обезбедува работа во јавните и државните институции по напуштање на Установата во којашто биле сместени“, рече министерот.
Се работеше, како што додаде, и на обезбедување станови за социјално домување и нивно оспособување за самостоен живот, како и нивна полесна интеграција во социјалната средина.