Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски денеска го прими Лук Симкинс, пратеник во Долниот дом на Федералното собрание на Австралија од редовите на опозиционата Либерална партија и еден од најголемите австралиски лобисти за Македонија.
На средбата беа разменети мислења за повеќе аспекти од билатералните односи меѓу двете земји. Во тој контекст, беше подвлечено значењето од натамошно зајакнување на меѓу парламентарната соработка и на остварувањето на посети на високо ниво.
Федералниот пратеник Симкинс се наоѓа во неколкудневна работна посета на нашата земја, при што ќе оствари средби и со неговите колеги во македонското Собрание, а предвидено е во амфитеатарот на МНР да одржи предавање на тема „Политичкиот систем на Австралија и односите меѓу Република Македонија и Австралија“.