Министерството за труд и социјална политика пристапи кон измени на Законот за безбедност и здравје при работа со цел воведување мерки со кои ќе се поттикне подобрувањето на безбедноста и здравјето при работа, имајќи предвид дека со добро осмислен концепт се заштедуваат финансиски и материјални средства, како на вработените (трошоци за лекување, намалена работна способност итн.), работодавачите (компензација за лекување, казни за непримена на заштитни мерки итн.) така и за самата држава.
Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски, кој рече дека со измените на Законот се обезбедува правна основа за донесување на Тарифник со кој ќе се утврди висината на трошоците кои паѓаат на товар на работодавачите за услугите кои ги даваат стручните лица овластени за вршење стручни работи од областа на безбедност и здравје при работа, поголема транспарентност – во насока на вршење евиденција на извршените повреди на прописите од областа на безбедност и здравје при работа од страна на стручните лица и нивно објавување, доуредување на одредбите кои се однесуваат на континуирана обука и стручното усовршување на стручните лица, како и воведување посебни глоби за работодавач – физичко лице.
„Констатирано е дека од страна на стручните лица за безбедност при работа за иста дадена услуга се одредуваат различни цени. Поради ова се наметна потребата од донесување тарифник со кој ќе се утврди висината на трошоците односно ќе се утврдат единствени цени и ќе се одредат минимални и максимални цени за услугите кои ги даваат стручните лица овластени за вршење стручни работи од областа на безбедност и здравје при работа. Овие трошоци ќе се уредуваат согласно критериумите за формирање на цените за услугите“, рече Ристовски.
Висината на износите на цените, посочи тој, ќе се утврдува според следните критериуми: големината на друштвото која се одредува во зависност од бројот на вработени, негово седиште, вид на дејност што ја врши, воспоставена динамика на работење, како и негова оддалеченост од стручното правно лице.
„Доколку стручното лице не постапува согласно Тарифникот односно доколку се утврди дека работите се вршат непрофесионално ќе му биде одземена дозволата за работа. Државниот инспекторат за труд ќе ја контролира законитоста на работата на овластените стручни лица, врз основа на што ќе изготвува шестмесечен извештај за утврдените повреди на прописите од областа на безбедност и здравје при работа од страна на стручните лица. На овој начин се воведува транспарентност односно достапност до информации до сите граѓани за работењето на стручните лица“, рече Ристовски.
Со измените, како што истакна, ќе се надминат проблемите во насока на нелојална конкуренција меѓу самите овластени стручни лица, ќе се подигне квалитетот на услугите кои ги вршат овластените стручни лица, истите ќе бидат во постојан инспекциски надзор, додека од друга страна работодавачите ќе добиваат поквалитетни услуги.
Ристовски потенцира дека во однос на спроведување на политиките на глобите се покажала потреба и од уредување на посебни глоби за работодавач-физичко лице и во зависност од категоријата на прекршокот глобата за работодавач-физичко лице се движи од 700 до 5.000 евра, а глобите за работодавач-правно лице се движат од 1.000 до 8.000 евра.
Одговарајќи на новинарско прашање рече дека во текот на минатиот период регистрирани се 37 стручни фирми кои професионално вршат проценка на ризик на работно место.
„Законот за безбедност и здравје при работа е веќе неколку години на сила. Во текот на 2012 година извршени се околу 1.400 инспекциски надзори поврзани со безбедноста и здравјето при работа. Констатирани се 10 смртни случаи во 2012 година, што е помалку во однос на претходните години“, додаде Ристовски.