Зголемен бројот на патници на аеродромите во Македонија во 2012

Во текот на 2012 година од аеродромите во Република Македонија се регистрирани вкупно 906.871 патници, што претставува пораст на бројот на патници во однос на 2011 година од 8.7%.

Зголемување на бројот на превезени патници е забележано на аеродромот „Александар Велики“ во Скопје, каде во текот на 2012 година биле превезени 828.831 патници што претставува пораст од 9.1 процент во однос на бројот на патници во 2011 година. Исто така, пораст од 5% во однос на претходната година е забележан и на аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид, каде минатата година биле превезени 78.040 патници.

Најголем пораст има во бројот на патници на редовните линии, што се должи на воведувањето нови директни дестинации. На редовни линии во 2012 година се регистрирани 715.183 патници, што е за 13% повеќе од 2011 година кога на редовни линии патувале 632.970 патници.

По реализирањето на проектот за модернизација на македонскиот аеродромски систем по пат на концесија, забележан е континуиран раст на бројот на патници и летови и бројот на компании кои оперираат на нови дестинации. Исто така, дополнително зголемување на бројот на патници е овозможено со имплементирањето на Проектот на Владата за финансиска поддршка за поттикнување и развој на воздушниот сообраќај.