Денес и утре во посета на Република Македонија престојува група генерали и група штабни офицери од турските вооружени сили.
Имено, групата која се состои од десет генерали на високи позиции во Генералштабот на Република Турција и десетина штабни офицери на различни должности, оствари средба со министерот за одбрана на Република Македонија, Фатмир Бесими и со заменик-началникот на Генералштабот на АРМ, генерал-мајор Насер Сејдини, на која стана збор за реформските процеси во Армијата на Република Македонија, процесите на трансформација, како и учеството и придонесот на Република Македонија кон глобалните мировни мисии, односно кон демократијата, мирот и еднаквоста во светски рамки.
Оваа посета, која традиционално, секоја година се реализира како заедничка активност на Амбасадата на Република Турција во Република Македонија и Министерството за одбрана и Армијата на Република Македонија, придонесува кон зајакнувањето на пријателските релации и одличната одбранбена соработка помеѓу двете земји и дополнително ги зајакнува традиционално добрите релации и врски помеѓу нашите земји и народи.
Воедно, како дел од културната програма на посетата, гостите од Република Турција ќе го посетат Музејот во Битола и Спомен собата на Кемал Ататурк, потоа турската заедница во градот Ресен и градот Охрид.
По завршувањето на посетата на Македонија, групата ќе ги посети и Албанија и Косово.