Денес во малата сала на општина Охрид беше одржана презентација на проектот „Регистрација на појасот на трската како основа понатамошно следење на состојбите во Охридското Езеро, а со цел определување на стратегија за нејзина заштита“. Проектот беше предвиден со Програмата за заштита на животната средина и природата од страна на Одделението за заштита на животна средина, а изготвувач е Хидробиолошкиот завод- Охрид. Целта на изготвувањето на овој проект е следење на популацијата на трската на македонската страна на Охридското Езеро, споредување на големината на појасите на трска во минатото и денес, анализа на состојбите и давање насоки за заштита на трската во Охридското Езеро како важен дел од еко системот на езерото и живеалиште на голем број видови птици и риби.
По одржаната презентација од страна на д-р. Марина Талеска, на трибината учество зедоа и претставници од различни институции и невладини организации кои дадоа свои предлози и мислења за оформување стратегија за заштита на трската.