Владата на Република Македонија ја усвои Програмата за изградба и реконструкција на патишта за 2013 година, која е поднесена и ќе биде реализирана од страна на Јавното претпријатие за патишта. Програмата е направена врз основа на сериозни анализи, проценки и пресметки, таа е реална и остварлива, што обезбедува голем степен на исполнителност.
Програмата опфаќа изградба и реконструкција на локални и регионални патишта, експресни патишта, автопатски делници и инвестиции во модернизација на системите за сервисирање на патиштата.
Програмата предвидува во 2013 година да бидат изградени и реконструирани вкупно 133 локални патишта во вкупна должина од 162 километри во 72 општини во државата, за која цел ќе бидат инвестирани околу 17 милиони евра, како и изградба и реконструкција на 11 регионални патишта во вкупна должина од околу 160 километри, за која цел ќе бидат инвестирани околу 30 милиони евра. Патиштата ќе се градат и реконструираат на целата територија на државата, во секоја општина, независно од составот на населението, нејзината големина или пак политичката припадност на градоначалникот или локалната самоуправа. Тоа е еден конструктивен и одговорен однос кој се негува од самиот почеток на работата на Владата, и е во интерес на граѓаните.
Прво, програмата за локални патишта ќе се реализира во три дела.
Во првиот дел, ќе бидат изградени и реконструирани 23 локални патишта во 22 општини во државата, во вкупна должина од 36 километри, и за нив ќе бидат инвестирани 4,7 милиони евра.
Во вториот дел се опфатени 30 патишта, во 20 општини, во должина од 42 километри, и за нив се издвоени 5,9 милиони евра.
Третиот дел е најголем, и опфаќа 80 патишта, во должина од 84 километри во 60 општини, во вредност од 6 милиони евра.
Второ, сериозен осврт и ангажман оваа година ќе биде ставен на регионалните патишта.
Регионални патишта што треба да се завршат во 2013, а кои се пренесени од програмата во 2012 година се Радовиш-Конче, Анеглци-Вељуса-Водоча, Кавадарци-Мушов Гроб и Дебар-Струга, во вкупна должина од 66 километри, и за нив ќе бидат издвоени 10 милиони евра. Овие патни правци беа содржани во програмата за 2012 година, но економскиот оператор кој требаше согласно договорот да ги изгради не ја реализира својата обврска, па затоа државата го раскина договорот со него, ја активираше банкарската гаранција и наплати пенали, средства кои ги внесе во програмата за оваа година и кои повторно ќе значат нивно искористување во реализација на други патни правци.
Исто така, од регионалните патни правци во финална реализација на програмата се патните правци Штип-Струмица (делот Сурдулци-Радичево) и патот Смрдлива Вода-Ски центар Кожув, кои се во вкупна должина од 24 километри и вредност од околу 15 милиони евра, и кои треба да бидат завршени комплетно оваа година.
Регионални патишта пак кои ќе бидат започнати во 2013 година, а дел од нив и ќе бидат завршени се патот до Сончев Град, Гарски мост-Бошков мост, Липково-Арачиново, Тетово-Јажинце и Опае-Белановце-Станчиќ во вкупна должина од 70 километри и вредност од 5 милиони евра.
Трето, ќе биде започната модернизација, реконструкција и проширување на патниот правец Велес-Кадрифаково, кој треба да прерасне во експресен пат, односно патот од 6,7 метри широчина на коловоз ќе се прошири на 11 метри, а делницата на која ќе биде инвестирано е во должина од 23 километри. Во 2013 година ќе се модернизира и реконструира автопатската делница Велес-Катланово, во должина од 24 километри. Ќе се извршуваат градежни работи на автопатската делница од Коридорот 10, Демир Капија-Смоквица, кој е повеќегодишен проект. Владата прави напор за изнаоѓање на стратешки партнер и обезбедување и заокружување на финансиска конструкција со кои ќе биде евентуално возможна и инвестиција на други автопатски делници, за што има напредок во процесите, но финалниот епилог на извесноста или неизвесноста на можноста за соработка ќе може да се констатира откога ќе бидат завршени сите процеси, за кој епилог ќе се информира јавноста по финалното завршување на разговорите.
Четврто, во 2013 година ЈП за патишта ќе отпочне со реализација на проектот за модернизација и воведување на електронски системи за наплата на патарините, за која цел се определени 200 милиони денари за почетни процесни дејства. ЈП е во сериозни преговори со европски партнери за овој проект, а неговото комплетно воведување што е повеќегодишен процес, ќе го отстрани влијанието на човечкиот фактор во наплатата, но тоа нема да значи отпуштање на работници, бидејќи во таква опција на воведување постоечкиот кадар кој е распределен на оваа намена моментално, би бил распореден на други работни места во претпријатието.
Програмата за изградба и реконструкција на патишта за 2013 година, и нејзината реализација ќе значи корист за граѓаните, и задоволување на нивните потреби и интереси за ефикасна комуникација, ќе даде поддршка на локалниот и општиот економски развој, ќе даде сериозна поддршка на градежните и транспортните компании и на работните места.