Македонската футсал репрезентација убедливо со 4:1 славеше против Ерменија во вториот контролен натпревар меѓу двете селекции. На дуелот одигран во спортскиот центар “Форца“, нашата репрезенација доминираше во сите 40 минути.
Петровиќ во шестата минута го отвори резултатот, на 2:0 зголеми Мицевски во 21. минута. Две минути подоцна, во 23. минута, Јовановски зголеми на 3:0, Димов во 28. минута го постигна четвртиот гол за Македонија. Пред крајот од натпреварот, Капукранјан го постигна единствениот погодок за Ерменија.
“Бевме надмоќни и сосема заслужено запишавме убедлива победа. Задоволен сум од односот на фудбалерите, посебно од новите играчи во тимот кои потврдија дека имаат потенцијал да бидат дел од составот на Македонија во квалификациите за пласман на Европското првенство“, изјави селекторот на Македонската футсал репрезентација, Васко Скендеровски.
На првиот натпревар во Неготино, Македонија и Ерменија одиграа 1-1. Двете пресметки на македонската футсал репрезентација беа контролни мартовските квалификации за пласман на ЕП 2014 во Белгија. Во евро-квалификациите, Македонија е во група со Шпанија, Хрватска и селекција која ќе ја мине предквалификационата група (Израел, Андора, Естонија или Шведска).
извор: ФФМ