Сопствениците на 50.000 до 60.000 стопански објекти изградени како дивоградби на државно земјиште ќе можат да ја искористат владината мерка за откуп на земјиштето на кое ги изградиле капацитетите по цена од 4 евра до 7 евра за метар квадратен. Ќе можат да откупат и до 30 проценти од парцелата околу објектот.
Предностите од владината мерка за откуп на државното земјиште под дивоградбите, цените и постапките што треба да се преземат, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески ги претстави денеска пред членките на Комората за градежништво при Сојузот на стопански комори ССК.
Стопанствениците од ССК оценија дека одлуката на Владата за откуп на земјиштето под дивоградбите и за дооформување на парцелата до 30 проценти, е мошне корисна и со повеќе придобивки.
„Со оглед на тоа што земјиштето ќе може да се откупи по цена од 4 евра до 7 евра за метар квадратен, освен што ќе имаат комплетно право на имотот во натамошниот промет вредноста на тоа земјиште ќе може да достигне од 200 евра до 400 евра за метар квадратен“, изјави Сеад Кочан, претседател на Комората за градежништво. Со тој имот, посочи, во иднина ќе може да располагаат и да добијат подобри финансиски понуди.
Според Јанакиески, со одлуката на Владата е одговорено на барањата од ССК и сега се овозможува комплетно решавање на статусот на имотот што претходно нелегално бил изграден на државно земјиште.
Цената за откуп на земјиштето кај стопанските и комерцијалните објекти и станбените згради за метар квадратен изнесува 438 денари во првите пет зони, односно поголемите градови, и 245 денари во помалите градови. За куќите и за објектите каде има јавен интерес цената е евро за метар квадратен.
„Најнапред треба да се донесе акт со кој општината кажува дека тој објект ќе го вгради во деталниот урбанистички план, потоа се носи решение за легализација, а општината во рок од шест години треба да го вгради тој објект во детален урбанистички план. Кога ќе се донесе ДУП-от, се поднесува барање до Министерството за транспорт и врски за откуп на земјиштето и на некој начин така целосно ќе се реши сопственоста и за објектот и за земјиштето“, изјави Јанакиески.
Тој појасни дека соодносот на земјиштето што ќе може да се откупи околу и под објектот треба да биде 30 со 70 и со тоа за да се спречат злоупотреби. – Согласно Правилникот за урбанистичко планирање, кај нелегално изградени објекти, доколку објектот има 70 метри квадратни и е изграден на земјиште на Република Македонија, земјиштето околу него може да биде максимум 30 метри квадратни. Соодност треба да биде 70 со 30.
Стопанските капацитети за кои ќе може да се откупи земјиштето се дел од вкупно 360.000 дивоградби што беа регистрирани на стартот на процесот за легализација пред неполни две години. На крајот на минатата година, според Јанакиески, се легализирани над 40.000 дивоградби.
Повторно апелира општините да го зголемат бројот на лица што работат на предметите за легализација со цел побрзо решавање на предметите и на физичките и на правните лица. Очекува забрзување на тој процес по неодамнешните законски измени со кои се ограничи на 18 месеци рокот за доставување елаборати.
„Имаме два покрупни проблеми, недоставувањето на геодетските елаборати од страна на граѓаните и компаниите, поради што во законот ставивме одредба дека доколку не го достават елаборатот во рок од 18 месеци тогаш го губат правото за легализација. Вториот покрупен проблем е што општините ангажираат мал број лица и затоа апелирам да го зголемат тој број“, изјави Јанакиески.
Општините во целата држава, зависно од територијата и бројот на барањата, имаат решено од 10 до 30 проценти од предметите.