Во врска со доаѓањето на индискиот милијардер Субрата Рој, кабинетот на градоначалникот излезе со реакција затоа што градоначалникот Петрески не е вклучен во преговорите за оваа инвестиција. Исто така од кабинетот потенцираат дека потенцијалните инвеститори мора да даваат врвен приоритет на заштитата на Охрид и Охридското Езеро.
„Градоначалникот Александар Петрески, како и претходно, не беше поканет на средбите со инвеститорот Субрата Рој и не е информиран за деталите околу најавената изградба на модерен туристички комплекс во Љубаништа. Кабинетот на градоначалнкот смета дека е непристојно да се преговара за инвестиции во Охрид, а во тој процес да не биде вклучен првиот човек на градот.
Сметаме за потребно да предупредиме дека со новиот пакет закони со кои се овозможува нова национализација, налик на онаа од 1946 година, во која најоштетени ќе бидат сопствениците на земјиштето , граѓаните и Македонската православна црква. Земјиштето ќе им биде одземено со обештетување од само по 1 евро за метар квадратен, а реалната цена е далеку поголема. Според новите измени на неколкуте закони обесправените граѓани правдата треба да ја бараат пред судовите.
Локалната самоуправа и градоначалникот Александар Петрески се прашуваат како може да не се почитуваат законите за заштита на Охрид и Охридското Езеро, со кои се пропишува дека може да се гради на најмалку 50 метри од брегот на Охридското Езеро. Веројатно, поради овие или други политички причини, јавно не зборуваат некои такавикани експерти, кои години наназад ја напаѓаат локалната самоуправа дека не се грижи за Охрид и Охридското Езеро кои се под заштита на УНЕСКО.
Оправдано се сомневаме дека идејата за изградба на аеродром на вода е условена со изградбата на комплексот во Љубаништа. Не сме информирани на колкава површина на копно ќе бидат изградени хотели и апартмани за продавање, каде ќе бидат казината, баровите и дискотеките, во вода или на копно и колку сето тоа ќе ја наруши рамнотежата на растителниот и животинскиот свет во Охридското Езеро старо 4 милиони години.
Кабинетот на градоначалникот Александар Петрески ги подржува инвестициите во Охрид, како што е и оваа, но инсистира во целиот процес да се почитуваат законите и да се заштити светското природно богатство – Охридското Езеро. Воедно сме загрижени од можноста дека сето ова е предизборен трик на централната власт на чело со ВМРО- ДПМНЕ, сличен на оние, кога предизборно се ветувааше дека ќе изградат автопат до Свети Наум“. – стои во реакцијата од кабинетот на градоначалникот Александар Петрески.