Пуштена во употреба е-продавницата „Се за жена“

Во рамките на проектот на Министерството за информатичко општество и администрација за отворање на електронски продавници, субвенционирани од Владата на Република Македонија, во употреба беше пуштена продавницата „Се за жена“ www.sezazena.com.

Заменик министерот за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, на промоцијата истакна дека станува збор за прва еколошко-социјална електронска продавница за домашни и лични производи.

„Поволните услови за водење електронска трговија во Република Македонија и бројот на е-трговци се во нагорен тренд. Ако во 2010 година имаше неколку десетици е-продавници, во 2012 година нивниот број порасна на околу 250. Меѓу избраните 31 најдобри бизнис планови се наоѓа и решението кое денес го промовираме „Се за жена“, кое беше наградено со бесплатна веб продавница.“ – изјави Арсовска Томовска.

„Електронската продавница „Се за жена“ нуди широк спектар на козметички производи, здрава храна врз база на интегрални житарки, средства за хигиена, како и медицински совети од страна на стручни лекари, потоа модни додатоци, часовници, чанти и другие производи. Асортиманот не е наменет само за понежниот пол, туку и за мажите, децата, целото семејство“.– истакна директорот на „Се за жена“ Билјана Стевановска.

Арсовска Томовска уште еднаш потсети на продолжениот рок за вториот конкурс за е-продавници кој завршува утре, 30 јануари, за нови 50 најдобри е-бизнис планови.

„Ги охрабруваме сите заинтересирани да достават бизнис план до Министерството за информатичко општество и администрација, а оние кои ќе бидат одбрани ќе добијат едногодишно бесплатно хостирање. Најдобрите пет веб-продавници што ќе остварат најголем профит, односно оние кои ќе бидат најдобро менаџирани, ќе добијат уште една година субвенционирано хостирање од страна на македонската влада“. – потенцира Арсовска Томовска.