Охрид се поинтересен за турските гости

Во организација на Општина Охрид – Сектор за ТЛЕР и Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот во РМ, од 24 -27 јануари, Охрид и Македонија беа претставени на Истанбулскиот саем за туризам – ЕМИТ 2013 година. Со над 200 илјади посетители од 70 земји од светот и над 4500 излагачи, Истанбулскиот саем претставува една од најголемите манифестации од ваков вид во светот. Охридските и македонски претставници, остварија значајни средби, на кои беше промовирана туристичката понуда на Охрид и Македонија.

Претставникот на Општина Охрид, Илкер Мустафа од Секторот за ТЛЕР, имаше и подолго интервју за специјализираниот туристички магазин ХОЛИДЕЈ (кој се печати и на англиски, руски и германски јазик), сопственост на една од најголемите турски продукциски компании – АШКИН КОЧ, во чија сопственост е и ТВ куќата ХОЛИДЕЈ ИН. Се очекува во најскоро време претставници на Ашкин Коч да го посетат Охрид и да направат репортажа за нашите туристички потенцијали и компаративни предности.