Претседателот на Владата на Република Македонија, г-дин Никола Груевски, денеска (среда, 30.01.2013 година) оствари средба со претседателот на Демократската партија на Албанците, г-дин Мендух Тачи.
На средбата стана збор за претстојното одржување на фер, слободни и демократски локални избори и за процесот на европска и евроатлантска интеграција на Република Македонија.
Соговорниците ги истакнаа своите заложби и посветеноста за организирање и спроведување на фер, слободни и демократски локални избори, за која цел ќе бидат обезбедени сите потребни услови и применети високите стандарди. Соговорниците се согласија дека одржувањето на локалните избори во демократска атмосфера и амбиент, и почитувањето на стандардите и процедурите од страна на сите учесници во локалните избори е обврска на секој политички субјект, а позитивните оценки за нивното спроведување од страна на субјектите ќе биде од значење за европската и евроатлантска интеграција на нашата земја.
Двајцата соговорници разговараа и за европската и евроатлантска интеграција на Република Македонија. Премиерот Груевски ги истакна реформите кои се спроведуваат за достигнување на европските стандарди, се осврна и на Пристапниот дијалог на високо ниво со Европската Унија, и на посветеноста и одговорноста за надминување на отвореното прашање со Република Грција.
Соговорниците констатираа дека интеграцијата на Република Македонија во НАТО и Европската Унија е стратешка определба кон која сите субјекти треба да придонесат со посветен, конструктивен и одговорен однос.