Јавна расправа за Европската стратегија за економско јакнење на жените

Комисијата за еднакви можности на жените и мажите на Собранието на Република Македонија, во соработка со Занаетчиската комора на Република Македонија и Бизнис конфедерацијата на Македонија, одржа јавна расправа на тема: Европска стратегија за економско јакнење на жените (Стратегија 2020).

Воведно излагање имаше претседателот на Комисијата, г-ѓа Лилјана Поповска, а излагања на темата имаа координаторот на Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија, г-ѓа Лилјана Кузмановска и директорот на Македонското женско лоби, г-ѓа Даниела Димитриевска. 

На темата ЕУ иницијатива „Еднаквоста се исплати“ – дел од програмата за вработување и социјална солидарност на ЕУ, презентација одржа г-ѓа Оливија Штерјова, извршен директор на Занаетчиската комора на Република Македонија, додека пак за значењето на иницијативата за економскиот развој на Македонија, говореше г-ѓа Саветка Ефтимова од Бизнис конфедерацијата на Македонија.

Покрај членовите и заменик-членовите на Комисијата, на јавната расправа присуствуваа пратеници на Собранието на Република Македонија, членови на Координативното тело за општествена одговорност, претставници на синдикатите, стопанските комори, локалните комисии за еднакви можности, директорот на Македонското женско лоби, жени политичари од арапските земји, претставници на Арапскиот институт за жени лидери и Меѓународниот републикански институт, како и здруженија на граѓани што работат на ова поле.

По дискусијата беа донесени следните заклучоци:

1. Комисијата за еднакви можности на жените и мажите (КЕМ) покажува голема заинтересираност за Европската стратегија за економско јакнење на жените (Стратегија 2020), сметајќи дека генералните насоки во неа се прифатливи и применливи за Република Македонија;

2. КЕМ им предлага на Министерството за труд и социјална работа, на Министерството за економија и на другите државни институции поврзани со оваа тема, да применат дел од предложените насоки преку закони и мерки кои ќе бидат во насока на економско јакнење на жените, вклучувајќи и можност за постигнување рамнотежа помеѓу приватниот и професионалниот живот на жените;

3. КЕМ смета дека овие мерки се компатибилни со заложбите за изработка на стратегија за одржлива популациона политика во Република Македонија од страна на Министерството за труд и социјална работа, за кои нашата Комисија веќе се произнесе;

4. КЕМ го поттикнува НВО-секторот, бизнис секторот и експертите, да ги промовираат и применат заложбите од Стратегијата 2020;

5. КЕМ инсистира во процесите на економско јакнење на жените да се опфатат  сите жени од Македонија, без разлика на етничкото и верското потекло, како и местото на живеење, и во урбани и во рурални средини.