Сите социјални права ќе ги добиваат и пасивните баратели на работа

Невработените лица да продолжат да се евидентираат во Агенцијата за вработување на Република Македонија, соодветно на своето убедување дали сакаат активно да бараат работа или не, порача министерот за труд и социјална политика Спиро Ристовски.

Тој на вчерашната прес-конференција на која со директорот на Агенцијата, Влатко Поповски информираа за Упатството за начинот и постапката за воведување, водење и престанок на евиденцијата на невработени лица, појасни дека без разлика дали лицата ќе се пријават како активни или пасивни баратели на работа, целосно ќе им бидат овозможени сите социјални права.

Формуларот, односно пријавата се подигнува во центрите за вработување според местото на живеење на невработеното лице на денот на првиот редовен термин за јавување, при што ќе добие кратко појаснување за начинот на пополнување од страна на службено лице.

„Секоја пријава за воведува во регистар е нумерички обележана, за што службеното лице задолжително во системот треба да го внесе датумот на подигање на пријавата и точниот нумерички број. Лицето задолжително ја враќа пријавата на денот на анредното пријавување, пополнета и своерачно потпишана“, рече Ристовски.

Службеното лице, додаде тој, нема да може да го евидентира лицето, доколку тоа има подигнато пријава, а ја нема вратено. Доколку лицето ја изгуби или оштети пријавата должно е да даде изјава која треба да биде предадена преку архивата на Центарот за вработување и повторно ќе му биде издадена нова пријава која ќе мора да ја пријави во работниот клуб во присуство на службено лице.

Службени лица, рече Ристовски, се задолжени да помогнат во пополнување на пријавите и на оние кои прв пат се евидентираат во Агенцијата за вработување.

Лицата кои активно бараат работа должни се на секои 30 дена да се јавуваат во Агенцијата, односно во соодветниот Центар за вработување и да докаже дека активно барало работа, додека оние кои се воведени во регистрите на „други лица кои бараат работа“ должни се да се јавуваат на секои шест месеци.

„За невработеното лице кое активно бара работа во рок од 30 дена, од денот на регистрирање треба да изработи и потпише индивидуален план за вработување, кој е писмен договор меѓу Агенцијата за вработување и невработеното лице. Тој ги утврдува целите за вработувањето, план за активности за невработеното лице заради вработување, учество во активни мерки за вработување и место на вработување“, појасни министерот Ристовски.

Појаснувајќи ја постапката на пополнување на формуларот, Поповски рече дека треба да се внесат личните податоци, но и оти има простор за оставање податоци каде може најлесно да се најде лицето кое бара работа и телефонски број. Формуларот, додаде, содржи и податоци за завршено образование, курсеви и за тоа дали активно или пасивно бара работа.

Тој нагласи дека доколку лицето неможе само да се снајде за пополнување на формуларите, може да побара помош од службено лице.

Од 235.328 евидентирани невработени лица, досега се поделени 192.000 формулари од кои пополнети и вратени се 29.000 и пополнети се илјада индивидуални планови. Од досега ажурираните пријави, 6.840 се стекнале со статус пасивни баратели на работа, а 6.900 се активни баратели на работа.