Во насока на поддршка на туризмот, обезбедување на поголем број на туристи, уредување на капацитетите, и овозможување на нови работни места и приходи за бизнисите, Владата одлучи да преземе две нови мерки кои значат сериозен придонес кон реализација на целите за развој.
Прво, Владата одлучи да биде проширен опфатот на земји за кои ќе се применува субвенцијата за привлекување на странски туристи. Досега оваа мерка важеше за земјите од Бенелукс, а од оваа 2013 година ќе важи и за Финска, Норвешка, Данска, Шведска, Русија, Украина, Обединетите Арапски Емирати и Јапонија. За наредната 2014 година мерката ќе се прошири и на Кина и Индија, а за 2015 година ќе се исплаќаат субвенции и за туристи од Казахстан, Азербејџан, Катар, Сојузна Република Германија, Соединетите Амерински Држави и Англија.
Исто така беше зголемен рокот за поднесување на барањата за субвенции, и тој ќе изнесува 60 дена од заминувањето на групата за сите видови на барања во периодот од 01.01. до 30.09 , а во периодот од 01.10 до 31.12 тој рок ќе изнесува 30 дена.
Министерството за економија ќе изготви измени на упатствата и правилниците кои ја регулираат оваа област и мерките ќе почнат со примена.
Ова беа директни барања на хотелиерите и бизнис комората на туристички работници, кои Владата ги прифати, и согласно нивните информации се очекува тие да ја прошират својата дејност и бизниси во нови региони, што би значело и туристи од нови земји кои ќе престојуваат во нашата земја, и во склоп со зголемените субвенции од 800 000 евра на 1 000 000 евра, очекуваме раст на туристите и можности за поголем прилив на средства кои потенцијалните туристи ќе ги потрошуваат во Република Македонија, во туризмот но и во останатите стопански дејности кои имаат поврзаност со него.
Второ, Владата димензионираше нова мерка и одлучи во 2013 година да финансира 50% од инвестициите во туризмот кои ќе се направат во руралните средини, односно во селата и во градовите со под 30 000 жители.
Финансиската поддршка за развој на рурален туризам ќе се однесува на воспоставување или модернизација на:
-сместувачки капацитети (соби, апартмани, пансиони, колиби со самопослужување);
-угостителски услуги (готвење и послужување на храна);
-сместување на отворено (кампинг простори, бунгалови, авто кампови);
-комбинирани услуги – сместувачки и угостителски услуги;
-воспоставување на соби за дегустација/продажни места за директна продажба на производите;
-рурални музеи за претставување на историски, природни, традиционални, образовни, земјоделски и др обичаи на руралната средина и
-рекреативни активности, спортски капацитети (затворени и отворени) и опрема, велосипедизам/пешачење/опрема за планинарење, објекти за чување коњи, простор за јавање и опрема, рибници и опрема за риболов, објекти за релаксација (затворени и отворени) и опрема, игралишта и опрема, зоолошка градина и опрема).
За оваа цел Владата издвои и ќе ангажира околу 3 500 000 евра, средства кои се предвидени во Програмата за поддршка на руралниот развој. Повикот за аплицирање за овие средства ќе биде распишан во април од страна на Агенцијата за рурален развој и поддршка на земјоделството(ИПАРД Агенцијата) и секое физичко лице, трговец поединец, мало или средно претпријатие ќе може да аплицира со поднесување на бизнис план. По прифаќањето на бизнис планот, ИПАРД Агенцијата ќе склучи договор со корисникот и согласно договорот ќе ги исплаќа средствата.
Ова е добра можност голем број на субјекти да добијат средства за туристички капацитети во селата и населените места крај езерата и на планинските туристички центри, Пештани, Радожда, Дојран, Маврово, Пониква и останатите месат кои ги исполнуваат условите.
На овој начин, со оваа значителна финансиска поддршка во овие инвестиции, Владата инвестира во подобрување на перформансите на бизнисите и на отворањето на нови работни места.
Владата ќе продолжи со воведување на нови мерки чија цел е учество во финансирањето на трошоците за раст на компаниите и отворањето на нови работни месат, за кои соодветно ќе информираме.
Ова денес на прес-конференција го изјави портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.