Градоначалникот Александар Петрески ги посети фамилиите на опожарените куќи

Градоначалникот Александар Петрески денес беше во посета на двете опожарени куќи кои викендов се запалија во Охрид. Тој истакна дека на наредната седница на Советот на Општина Охрид ќе поднесе предлог одлука со која Општината ќе им помогне на овие семејства да ги санираат штетите од пожарот.

„За жал викендов се случија уште два пожари. Едниот на улицата „Бистрица“ и другиот на „Марко Цепенков“. Екипата од комисијата на општина излезе на лице место и утврди колкава е штетата.  И на овие две фамилии ќе им помогнеме“. – истакна градоначалникот Петрески.

Градоначалникот Петрески истакна дека на семејството Шемо, на кои пожарот им нанесе огромна штета, ќе им бидат обезбедени исхрана и други потреби услови во наредните денови додека се средат.

Исто така, градоначалникот Петрески го повика јавното претпријатие за стопанисување со станбен и деловен простор да им помогне на овие фамилии привремено да се сместат во некои од социјалните станови кои се празни.

Петрески упати и апел до граѓаните повеќе да внимаваат во користењето на електричните апарати.

„Ја користам оваа прилика да упатам апел до сите граѓани на Општина Охрид многу да внимаваат на овие работи, поготово на штетите од пожарот кои можат да настанат. За среќа овие поминаа без човечки жртви, меѓутоа граѓаните да внимаваат во однос на користењето на електричните апарати“. – истакна Петрески.

opozarenikuki2