Мојата должност ќе ја извршувам со најголема одговорност и убеден сум дека ќе придонесам кон градење на армија согласно стандардите на НАТО, подготвена да се справи со предизвиците на модерното време, нагласи Талат Џафери, при денешното примопредавање на функцијата министер за одбрана од страна на досегашниот министер Фатмир Бесими.
Потенцирајќи дека за него претставува голема чест и задоволство да раководи со МО се до успешното заокружување на реформите и модернизацијата на АРМ, Џафери посочи оти пред се ќе придонсе АРМ во секоја нејзина димензија ја рефлектира реалноста на нашата држава.
„Да биде симбол на меѓуетнички соживот, толеранција, почит на различнсотите, како и помирување помеѓу етничките групи“, рече новиот министер Талат Џафери.
На примопредавањето на функцијата, досегашниот министер за одбрана Бесими подвлече дека во изминатите година и половина биле поставени три цели и тоа Република Македонија да биде препознатлива по својот придонес во глобалниот мир и имплементација на стандардите на НАТО, во континуитет да се работи на зајакнување на меѓуетничката и меѓурелигиозна доверба и на градење на АРМ како институција за меѓусебно почитување каде што и различностите се уникатна предност, како и за создавање модерна и високо професионална армија, за подобрување на стандардот на припадниците на АРМ како и на приближување на АРМ до граѓаните на Република Македонија. Потсети дека има реализирано значаен број посети на земји-членки на НАТО и земји од регионот, со промоција на регионалните проекти, концептот „паметна одбрана“, а успешно, рече, се реализираа меѓународните мировни мисии каде што Република Македонија постојано добива најголеми признанија на светско ниво. Говореше и за Стратегијата за одбранбена дипломатија, одбележвуањето „20 години АРМ“, објавувањето на Белата книга на одбраната…
Според него, во овој период со воведување на новата формација се отвори можност за значително подобрување на правичната застапеност и за унапредување во кариерата на голем дел на припадниците на АРМ, надминувајќи ја состојбата, оцени, кога дел од припадниците повеќе од една декада не можеле да добијат унапредување во АРМ.
„АРМ во овие десет години, базиран врз Уставот и законите регулирани според принципите на Охридскиот рамковен договор, успеа да ја подобри правичната застапеност од 5 проценти на 27 проценти на немнозинските заедници во Македонија. Во иднина тој процент согласно пописот треба да достигне 36 проценти додека во исто време треба да се продолжи со подобрување на застапеноста на раководните структури во Армијата. Во буџетот на 2013 година предвидени се 200 нови вработувања на професионални војници“, изјави Бесими.
„Останува нашата цврста заложба и задача да чекориме кон полноправно членство во НАТО каде што покрај отворените политички предизвици во одбраната останува и предизвикот да се реализира Долгорочниот план за развој на одбраната, а во тој контекст и модернизацијата на АРМ. Овие беа тешки економски години, кои директно влијаеле на буџетот на одбраната“, рече меѓу другото Бесими цврсто уверен дека Република Македонија ќе успее во евроатлантските интеграции.