Македонија покажува одлични резултати во протокот и организацијата на воздушниот сообраќај, оцени Директорот на ЕУРОКОНТРОЛ м-р Франк Бренер во Скопје, кој на поканата на директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство д-р Мојсоски, реализираше тридневна посета на земјава.
На состанокот во АЦВ, Мојсоски и Бренер разговараа за натамошниот развој на воздухопловната област, како и за регулативата за вклучување во заедничкото европско небо, растот на воздушниот сообраќај и идните проекти за подобрување на перформансите на европскиот систем.
„Имавме извонреден состанок со директорот на Еуроконтрол, пред кој ја претставив генералната слика на водухопловството во Македонија и му ги изложивме сите перформанси и заложбите за имплементација на пакетот регулатива за интеграцијата во единственото европско небо, како и составувањето на единствениот европски пазар“, изјави директорот на АЦВ, Мојсоски.
Разменувајќи мислења околу актуелните состојби во европското цивилно воздухопловство, на состанокот, двајцата директори, се согласија дека, Република Македонија направи исклучителен и значаен напредок во издигнувањето на квалитетот и капацитетот на воздушниот танспорт. Чекорите кои ги презема како земја, во делот на либерализацијата на воздушниот транспорт, доведоа до развој на воздушниот сообраќај согласно европските стандарди и меѓународни практики за глобален развој на цивилното водухопловство.
„Перформансите кои ги реализиравме во изминатиот период, не ставаат во листата на држави со најсилен раст во водушниот сообраќај во Европа, каде бројот на патници минатата година се зголеми за 20%. Создадовме и квалитетни услови за оперирање на 30 авиокомпании во редовниот воздушен сообраќај и првпат во Македонија овозможивме влез на нискобуџетни авиокомпании, кои оперираат од македонската престолнина до престижни европски дестинации. Едновремено, склучивме и повеќе меморандуми и спогодби за соработка со повеќе светски земји со кои го трасиравме патот за отворање на македонскиот воздушен сообраќај до светските метрополи. Ја интензивиравме и соработката со европската воздушна зедница и станавме значаен партнер во донесувањето на европските одлуки за европски решенија, што покажавме со претседателствувањето на Република Македонија со организацијата ЕУРОКОНТРОЛ во 2011 година“, истакна директорот на АЦВ, Мојсоски.
Приоритет како држава, додаде Мојсоски, ни е, покрај европската синергија и интеграција во единствениот европски пазар, целосно да застанеме и зад пан-европската и глобална либерализација на воздушниот транспорт, со една единствена цел, преку воздушниот транспорт да генерираме во Република Македонија, економски раст и развој, поддршка на туризмот, привлекување што поголем број на странски инвестиции и конечно да ја издигнеме, репутацијата на Република Македонија на светско ниво.
Оценувајќи ги со највисока оценка, состојбите во македонското воздухопловство, директорот на ЕУРОКОНТРОЛ, Бренер порача дека во последните пет години нема никаков застој во капацитетот и протокот во воздушниот простор на Македонија.
„Сакам да упатам честитки за позитивните резултати бидејќи нема никакви инциденти во сигурноста и безбедноста на авиосообраќајот“, рече Бренер по средбата со директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Дејан Мојсоски.
Фактот што е во посета на Македонија еден месец по стапувањето на функцијата, според него, го покажува значењето на македонскиот воздушен простор за Еуроконтрол.
Придружуван од директорот на АЦВ д-р Мојсоски, Бренер оствари средби со шефот на македонската дипломатија Никола Поповски, со министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески, а се сретна и со менаџментите на македонската навигација и на ТАВ Македонија.
Република Македонија на 01.11.1998 година, стана земја членка на ЕУРОКОНТРОЛ (Европска организација за безбедност на воздушната навигација). Организацијата е формирана е во 1960 г., со седиште во Брисел, Белгија, со цел да се унапреди соработката во областа на системите на контролите на летање во Европа и на тој начин да се зголемат капацитетите на утврдените коридори во високиот воздушен простор. Примарна цел на оваа Организација е воспоставување на беспрекорен, пан-европски систем за организација на воздушниот сообраќај и затоа таа претставува витален инструмент за постигнување на највисоки стандарди во оваа област и водач на континуираниот развој на воздушната навигација на Европа. Таа е сочинета од 38 земји и Европската Заедница.