Цртежите од Да Винчи се хируршки прецизни

Со споредувањето на медицинските цртежи на ренесансниот гениј Леонардо да Винчи и современите снимки со магнетна резонанца и скенерите за тело, научниците дојдоа до заклучок дека цртежите од Да Винчи се „запрепастувачки прецизни“.

Леонардо да Винчи долго време е еден од најдобрите мајстори на ренесансата и човек пред своето време, но сега доби и официјално признание за своите медицински цртежи.

Тим составен од експерти ги спореди анатомските цртежи на Да Винчи со современи снимки и утврди дека неговите скици се прецизни до најситните детали и покрај ограничената технологија и недостатокот од медицинско знаење во тоа време. Цртежите се стотина години понапред од своето време во одредени области.

Скиците се направени во зимата 1510-1511 година кога Да Винчи направил 20 дисекции. На нив се прикажани мускули, коски и тетиви. Исто така, прикажан е и првиот прецизен опис на ’рбет, како и цртеж на дете во утробата на својата мајка во правилна положба.