Министерството за финансии денеска исплати 1.413.488.426 денари субвенции за произведен и продаден тутун од реколтата 2012 на 22.313 земјоделци.
Со ова, како што рече денеска на прес-конференција вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, почна реализацијата на мерката предвидена со Програмата за финансиска поддршка на земјоделството за 2013 година, чиј краен рок е јуни 2014 година.
„Владата продолжува со силна поддршка на земјоделството како една од клучните стопански гранки, посебно тутунарството“, истакна Ставрески.
Законскиот рок за откуп на тутунот кај комбинатите беше 15 март од што произлегува дека исплатата почна веднаш откако беа извршени законските контроли.
Според Ставрески, денеска се исплатени средствата на кооперантите на комбинатите „Струмица Табак“ – Струмица, „Алајанс Уан“ – Кавадарци, „СОКОТАБ“ – Битола, „ОРБИТА ТАБАК“ – Скопје, „Пашоски Тутунски дилер“ – Скопје.
Во тек се, додаде, контролите во „Тутунски комбинат Прилеп“ каде има 3.111 кооперанти, „Центро Табак“ 389 кооперанти и „Далија Табак“ 255 кооперанти.
До крајот на неделата треба да се исплатат и остатокот од средствата во износ од 188 милиони денари.
Поддршката изнесува 60 денари за килограм произведен и продаден тутун или вкупно за оваа намена се обезбедени 26 милиони евра.