Светскиот ден на водите, оваа година ја прославува темата за соработка за заштита на водените ресурси фокусирајќи се на соработката и партнерството на локално, национално и прекугранично ниво.
„Предизвиците се големи и мора да се фатиме во борба со нив за да ја обезбедиме иднината на водените ресурси. Успеавме заеднички како Билатерален Секретаријат да донесеме средства за заштита на водните живеалишта, за прогласување на биосферен резерват околу езерата и поддршка од Глобалниот Еколошки Фонд за проект за Дримскиот Басен“. – истакна македонскиот претставник во Билатерален Секретаријат за сливот на Охридското Езеро, Дејан Пановски.
Најголемо признание како што рече Пановски е што во годинашната објава по повод на Денот на водите, Обединетите нации укажуваат дека Договорот за Дримскиот Басен е „голем напредок во соработката за водите во регион со изминати конфликти“.
„Токму, се додека не го обезбедиме управувањето со Дримскиот басен и законски и прекугранично нема да има комплетна заштита на Охридското Езеро. Езерото не смее да биде предмет на дневна политика туку наш предмет за живот и околу неговата заштита нема компромиси“. – додаде Пановски.
Светскиот ден на водата се одржува секоја година на 22 март со цел фокусирање на вниманието врз важноста на водата и залагање за одржливо управување на слатководните ресурси. Во 1992 година на Конференцијата на ОН за животна средина и развој (UNCED) било препорачано прославување на еден интернационален ден на слатководните ресурси. Генералното собрание на ОН одговорило на препораката со назначување на 22 март 1993 година како прв Светски ден на водата.
WebOhrid