Денеска во Агенцијата за млади и спорт се одржа прес-конференција на која Директорот на Агенцијата за млади и спорт, м-р Лазар Поповски го најави почетокот на Националната кампања против говорот на омраза на интернет. Прес-конференцијата се одржа во исто време со прес-конференцијата во Брисел, во Советот на Европа на која беше одбележан официјалниот старт на кампањата на европско ниво.
Република Македонија преку Агенцијата за млади и спорт како национален координатор на овој проект ќе ја спроведува кампањата против говорот на омраза во периодот март 2013 – март 2014 со слоганот „Младите луѓе за човековите права на интернет“.
Оваа кампања е првенствено насочена кон младите луѓе на возраст од 13-30 години во насока на зголемување на одговорноста при користење на интернет, за утврдување на различните перцепции и форми на говорот на омраза на интернет и нивното влијание врз младите, за последиците од непочитувањето на човековите права во онлајн комуникацијата, но и за градење на мрежа на активисти против дискриминацијата по различни основи.
Самата кампања не претставува лимитирање на слободата на говорот на интернет, туку низа на активности за елиминирање на говорот на омраза кој е сè поприсутен во последно време , особено меѓу младата популација која често несовесно и недговорно го користи интернетот и социјалните мрежи.
За планирање, спроведување и следење на активностите кои ќе бидат дел од оваа кампања се формира Национален Комитет во кој освен Агенцијата за млади и спорт (како национален координатор ) вклучени се и :
Министерството за труд и социјална политика,
Министерството за образование и наука
Министерство за правда
Министерството за информатичко општество и администрација,
Агенцијата за електронски комуникации,
Студентскиот Парламент на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“,
Центарот за меѓукултурен дијалог – Куманово,
Македонско здружение на млади правници,
Младински Образовен Форум,
Центарот за човекови права „АМОС“.
Воедно, денес на почетокот на кампањата против говорот на омраза , Агенцијата за млади и спорт ги повика и сите останати институции, организации, поединци и активисти за човекови права да се вклучат во натамошните активности од кампањата, давајќи го својот придонес кон подигање на свеста кај младите луѓе со крајна цел – почитување на човековите права, минимизирање и елиминирање на дискриминацијата и говорот на омраза на интернет и секако унапредување на концептот на еднаквост и толеранција.