Модернизација и реформи во системот на давање советодавни услуги на земјоделците, најави денеска заменик-министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски.
„Секој земјоделец да има свој советник. Тоа е нашата цел и ако сакаме да имаме добар квалитет, поголем принос како држава, тоа мора да го направиме“, изјави Коњановски по денешното годишно Собрание на федерацијата на фармери на Република Македонија.
Идејата, појасни, е да се вклучат што е можно поголем број советници кои ќе бидат задолжени да даваат советодавни услуги за добри земјоделски пракси на земјоделците. Советодавните услуги покрај државната Агенција ќе може да ги даваат и други лица. Ќе се изготвува закон за давање советодавни услуги, а планот на ресорното Министерство тоа да биде ефективно веќе од следната година.
„Во Македонија има повеќе од 700 агрономи и земјоделски инженери кои завршиле на македонските универзитети, а некои и во странсто, а кои се кадар кој мора да го вклучиме во давањето советодавни услуги кон земјоделците. Во тој правец размислуваме покрај државната агенција да вклучиме и голем број луѓе кои дополнително би ги обучиле во нашите универзитети за да бидат подготвени во секој момент да даваат вистински правилни информации на нашите земјоделци“, појасни Коњановски.
Според него, досегашната финансиска поддршка за земјоделците ќе продолжи и натаму, а во интерес на развој на земјоделството ќе има промени на закони и носење нови.
„Наспроти финансиската поддршка од пред шест години од само неколку милиони евра денес имаме поддршка од 135 милиони евра. Во втората половина од оваа година ќе се посветиме кон дорегулирање на некои закони во однос на фитосанитарниот систем“, информира Коњановски.
Во обраќањето пред членовите на ФФРМ, истакна дека земјоделците треба да ги искористат финансиите што им се на располагање преку ИПАРД програмата.
„Дополнително овозможивме од оваа година набавката за земјоделска механизација да може да се извршувма преку кофинансирање и преку ИПАРД програмата. На располагање ни се повеќе од 14 милиони евра кои македонските земјоделци треба да ги добијат и да го осовременат својот земјоделски парк. Од нас зависи дали ќе успеат, и од Владата, и од вас како здруженија и од федерацијата на фармери. Ако им ги покажеме јасно правилата на земјоделците и и помогнеме тие ќе ги искористат овие средства“, наведе Коњановски.
Ќе продолжат, најави, и активностите за рурален развој што се преземаат во соработка со општините и со градоначалниците кои се фокусирани за развој на земјоделството и поддршка на земјоделците. Радува фактот, посочи, што во програмите на поголемиот број кандидатите за градоначалници, посебно место зазема земјоделството.
„Од особена важност за развојот на земјоделството е да имаме и градоначалници кои ќе бидат заинтересирани за развојот на земјоделството, ќе ги поддржуваат земјоделците, ќе создаваат услови за дополнителни инвестиции во земјоделството и кои имаат визија за развојот на земјоделството и руралните средини“, рече Коњановски.
Претседателот ФФРМ Андрија Секуловски е задоволен од постигнатите резултати на федерацијата со кои, како што рече, се создала вредност на земјоделството. Преку активностите што ги презеле и со воспоставеното партнерство со државните институции успеале голем број од проблемите на земјоделците да ги стават на хартија, да се направат промени на законската регулатива, да се вметнат во програмите за субвенционирање, руралната програма и ИПАРД програмата. Во Македонија се даде можност земјоделството да создаде свои вредости и да се надградува со сите инвестиции кои се случуваа оваа година, изјави Секуловски.