Македонија и Турција ќе ја унапредуваат соработката во земјоделството

Соработката во областа на шумарството и ловството беа меѓу клучните теми на вчерашната средба на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски со делегација од Турција предводена од Рустем Кириш, директор на Управата за планирање и управување со шумите во турското Министерство за шумарство и водостопанство.

На состанокот, на кој присуствуваа и државниот советник за шумарство и ловство Војо Гоговски и директорот на Управата за водостопанство Кадир Салих, како што информира МЗШВ, договорени биле понатамошните чекори со цел  продлабочување на соработката меѓу двете земји, особено во делот на шумарството и водостопанството.

Според договореното, Турција на експертско ниво ќе и помогне на Република Македонија во делот на шумарството и водостопанството – заштита на шумите и реконструирање, модернизирање и подобрување на системите за наводнување и одводнување.

Турската делегација ќе престојува во посета на Македонија до 4 април, во кој период стручни лица од Министерството ќе организираат теренски посети на шумите.