Општина Охрид ќе ги преземе сите законски средства да го оспори договорот за паркинг-просторот во центарот на градот

Од Локалната самоуправа информираат дека договорот за давање под закуп на паркинг-просторот во центарот на градот, кој е потпишан и чие правно дејствие се врзува со поранешниот градоначаник Александар Петрески и лицата блиски до него, е акт со кој екстремно се кршат интересите на локалната самоуправа и на граѓаните на Општина Охрид.

„Давањето на управување на паркинг-просторот на приватен субјект, за Општина Охрид претставува штетен договор, донесен под сомнителни околности, во една нетранспарентна постапка и истиот го оценуваме како акт со кој се нарушуваат интересите на Општина Охрид и нејзините граѓани“. – соопштуваат од кабинетот на градоначалникот Никола Бакрачески.

Оттаму велат дека Општина Охрид ќе ги преземе сите законски средства да го оспори овој штетен договор, а за сите оние инволвирани лица кои со потпишување на договорот свесно направиле злоупотреба на својата позиција и штета по имотот и угледот на Локалната самоуправа, ќе покрене постапка за нивно санкционирање.

WebOhrid