Високиот водостој на Охридското Езеро допринесе да се наталожат големи количини отпад по крајбрежјето, притоа најзастапени се пластични отпадоци, хартија и трска. Од тие причини екипите на „Јавна Хигиена“ презедоа акции за чистење на крајбрежниот појас на потегот од населба Лагадин до Пештани и потегот на Градска плажа од Калето до вливот на река Грашница. Со расчистување на локациите се започна вчера и ќе се работи три дена со 15 ангажирани работници. Според претходно сондираниот терен, надлежните очекуваат да се соберат околу 100 вреќи отпад.