Селекторот Горан Јовановиќ, заедно со асистентот Моника Гаврилоска, со 18 кошаркарки во Скопје ќе го почнат подготвителниот период за настапот на квалификацискиот турнир за женскиот Евробаскет кој ќе се одигра на почетокот на јуни во Израел. Првиот собир на женската сениорска репрезентација е на 6 мај.
На квалификациите за женскиот Евробаскет 2015, Македонија се наоѓа во силна група со Израел, Германија и Португалија. Турнирот ќе се одигра од 7 до 9 јуни годинава, а само првопласираната репрезентација ќе обезбеди пласман на завршниот турнир.
„Групата е навистина тешка. Германија е редовен учесник на големите натпреварувања, Израел има цврст и особено искусен состав, Португалија ќе настапи подмладена, но има секогаш сериозен пристап. Ние сме еден вид на аутсајдери во оваа конкуренција, но тоа е така само на хартија. На терен почнуваме од нула. Од друга страна, имајќи во предвид дека и ние имаме доста млад состав, а имаме и талент, вакви натпревари ќе бидат многу важни за тоа што сакаме да го постигнеме. Нема да гледаме на евентуални порази како на неуспех, туку ќе учиме од нив. Кошаркарките треба да влезат во еден континуитет на заеднички настап, паралелно претпазливо ќе се работи со нив и тоа несомнено ќе донесе резултати во иднина“, изјави селекторот на репрезентацијата, Горан Јовановиќ.
Ќе се тренира во салата „Градски Парк“ во Скопје, два пати дневно во таа прва фаза од подготовките, а на 24 мај репрезентацијата ќе замине за Словенија, каде ќе одигра пријателски натпревари со домашната репрезентација и со Хрватска. Во преговори се и уште две пријателски средби против квалитетни европски репрезентации, кои би се одиграле непосредно пред заминувањето за Израел, кое е предвидено за 5 јуни. Квалификацискиот турнир за женскиот Евробаскет ќе се игра од 7 до 9 јуни 2013 година.
Пријавени за настап се вкупно 24 кошаркарки, од кои 18 ќе ги почнат подготовките, се разбира без оние кои се уште ќе имаат клупски активности во домашниот плејоф, а кои ќе се приклучат веднаш по завршување на првенството.
„Со Федерацијата и селекторот правиме напори да креираме услови за квалитетни подготовки, какви што доликуваат за репрезентација која учествува на квалификации за Евробаскетот“, вели асистентот, Моника Гаврилоска. „Ќе почнеме со помладите и добро е тоа што почнуваме рано, додека кошаркарките се уште се наоѓаат во натпреварувачки ритам од сезоната која привршува. Со тоа, нема да има којзнае колкава потреба од кондициона подготовка, веднаш почнуваме со тактички и технички тренинг, па ќе имаме доволно време да се подготвиме како што треба“, вели Гаврилоска.
„Ќе ни недостасуваат три исклучително важни кошаркарки како Јелена Антиќ и Едина Муса кои се повредени, како и Ема Решкоска која поради обврските во САД нема да може да ни се приклучи. Се уште очекуваме резултати од терапијата на Анџелика Митрашиновиќ, за која верувам дека ќе стигне навреме да се опорави и да му помогне на тимот. Во секој случај, идејата е овој млад состав кој го имаме, да добие шанса да настапи на врвно ниво, против некои од најсилните светски репрезентации. Одиме со поскромни очекувања, добро го знаеме квалитетот на противниците, но ние го гледаме големиот потенцијал на оваа млада генерација и овие кошаркарки кои веруваме дека во годините кои ќе гојдат, ќе се промовираат во лидери на една врвна кошаркарска репрезентација, која ќе може да носи и врвни резултати“, продолжи Гаврилоска.
Покрај македонските кошаркарки, моментално Федерацијата работи и на доведување на едно врвно американско засилување, односно докажано име кое ќе може сериозно да и помогне на репрезентацијата, како на овогодинешните квалификации, така и подолгорочно. Моника Гавриловска, која ќе биде во улога на асистент на селекторот Горан Јовановиќ, исто така е пријавена и за настап за репрезентацијата.
„Во тимот имаме повеќе млади девојки, кои и покрај тоа што се доста млади, имаат веќе собрано посериозно искуство во играње на меѓународни натпревари. Јас ќе му помагам на селекторот на тренинзите, но доколку биде потребно, ќе им помогнам и на кошаркарките на теренот, затоа што евидентно е дека сме дефицитарни на високите позиции. Сепак, верувам дека овие млади девојки ќе можат добро да се справат со предизвикот кој е пред нив и ќе можат да се носат со поискусните противнички од другите репрезентации“, вели Моника Гаврилоска.
Повикани кошаркарки на првиот тренинг на 6 мај, кој ќе се одржи во салата „Градски Парк“ во Скопје се:
Славица Димовска (Вигор Скопје)
Ана Тантуровска (Олимпијакос Волос – Грција)
Ивана Удовалиева (Лемвик – Данска)
Анџелика Митрашиновиќ (Бадел)
Ива Крстевска (Кросиг)
Ивона Пејковска (Бадел)
Александра Стојановска (Бадел)
Александра Иванова (Бадел)
Софија Лазареска (Кросиг)
Ванеса Василевска (Клубски)
Арин Агиќ (Кросиг)
Нена Трајчевска (Бадел)
Александра Мурговска (Вигор Скопје)
Елена Раденковиќ (Кросиг)
Ивана Кметовска (Вигор Скопје)
Ана Живковиќ (Кросиг)
На поширокиот список на пријавени кошаркарки за настапот на квалификацискиот турнир се наоѓаат и Андријана Лескароска, Едина Муса, Лефтерија Темелкова, Драгана Јоловиќ и Ана Котеска, кои би можеле дополнително да бидат повикани на подготовките.