Здружението на рекреативни риболовци „Свети Апостол Петар“ од Охрид апелира до надлежните Министерства и институции да преземат итни мерки за санација на пукнатината од браната на акумулацијата Слатино.
„За петнаесетина дена по престанокот на обилните дождови нивото на водата во акумулацијата се намали за четири до пет метри. Ова ниво е најблиску до биолошкиот минимум. Ако продолжи истекувањето на водата од пукнатината со овој интензитет за неколку недели нивото на водата ќе се намали далеку под биолошкиот минимум, и целокупната флора и фауна од акумулацијата ќе биде уништена. Од 22 февруари кога се појави пукнатината на браната до денес не е преземено ништо за санирање на истата. Како здружение на риболовци егзистираме и работиме на територија на општина Охрид и затоа апелираме до локалната самоуправа на Охрид да се вклучи во пронаоѓање на решение за надминување на проблемот со браната, затоа што околу 40 проценти од рекреативните риболовци кои престојуваат како туристи во Охрид одат да се рекреираат и да риболоват на акумулација Слатино. Нивниот број ова година ќе биде зголемен затоа што во летниот период нема што да се лови од брегот на Охридско Езеро, а риболов со чамец е дозволен само во сабота и недела“. – стои во соопштението од Здружението на рекреативни риболовци „Свети Апостол Петар“.