Училиштата се места каде што децата од најмали учат за својата околина за светот околу себе, за родниот крај, за татковината. Во рамките на едно такво учење се, секако, и традициите на еден народ и традиционалните вредности. А, традиционалните вредности на македонскиот народ се огледуваат токму врз традициите и обичаите; врз културата на вековното живеење; преку начинот на облекување, преку обредните животни обичаи; преку песната, играта, орото, преку празничните и свадбени ритуали и преку сите други вековно пренесени животни секојдневија. Особен белег во традициите на овој мој народ е и традиционалната национална кујна, традиционалните јадења кои го зачувале својот македонски бренд, својот македонски вкус и белег на македонската гурманска нација која во својот историски ôд оставила препознатлив идентитет.
Кога овие традиционални јадења ќе ги почувствувате денес, тоа значи дека вие го имате на дланка многувековното македонско живеење; тоа значи дека вие сте во допир со вековите и во допир со предците и со нивното живеење. И со нивната трпеза , со нивната софра.
Ваков еден времеплов имав можност да искористам во неделата на 26 мај, кога добив покана од колешката – одделенскиот наставник од Косел, проф. Валентина Наумоска, да присуствувам на реализација на нејзиниот проект „Традиционални јадења“ кој е планиран по предметот Мојата Околина.
Она што професор Валентина Наумоска успеа да го испланира и организира е за секоја пофалба. Со мал број ученици, но и со голема поддршка на сите нивни родители, во неделата наутро започнаа подготовките за реализација на Проектот посветен на македонските традиционални вредности.
Во дворот на цркват „Свети Илија“ беше уредено огромно етнолошко катче кое оддалеку ја презентираше роднокрајната охридска фолклорна традиција, јкаде на едно место беа поставени бројни носии, везови, чилими, веленца, јамболии, дрвени и земјени чинии, црепни и бардиња; како и постари алатки, орудија и други помагала кои биле дел на македонското традиционално живеење. Недалеку од катчето, неколку огништа подготвени ги чекааа гравчето, коматот, ѓомлезето, селскиот леб во земјената црепна, качамакот (бакрданот, мамалигата)… и уште многу други сочни гурмански манџи кои вешто ги подготвија вредните раце на Василка Симоноска, Лена Џуклеска, Кармен Недеска, Кате Мојсоска, Даниела Трпеска, Наташа Спироска, Гордана Филипоска, Јасмина Симоноска, Светле Тодороска и другите, домаќинки –родителки, потпомогнати од учениците од трето одделение кои ги вкусија во пракса теоретските предзнаења за вештините во приготвување на традиционалните македонски јадења… Понатаму уште во црковната трпезарија чекаа киселото млеко, селското овчо и кравјо сирење, сушените црвени пиперки, толчениот лук и свирипилето со кое расте апетитот пред секое јадење. Таму, пак, и наоколу уште : сукала, синии, триношки, дрвени лајци и пајнци, пченкарно брашно, зелје, спанаќ, кромид, праз, овошни сокови и компоти, сутлијаш…
И најубавото од сè за роднокрајните радости : малите, но вредни ученици, облечени во традиционални македонски носии, сосема доволно причини човек да се израдува и носталгично со насмеана солза во очите да посака овој допир со минатотот да трае и да продолжи да живее со овие дечиња и со нивните внучиња и правнучиња.
А дечињата од Косел, учениците од подрачното училиште „Ванчо Николески“ кое некогаш го носеше името „Гоце Делчев“, беа пресреќни што дента, иако недела, беа на часови за реализација на овој несекојдневен, но прекрасен и родољубив проект посветен на македонските традиционални вредности.
И, како што беше претходно договорено, најпрвин ја посетивме ѓомлезарата на тетка Снеже, која изворно ни демонстрираше како се прави ѓомлезето, а учениците и сами учествуваа, помагајќи во работилницата и во постапката за подготовка на ѓомлезето: мешајки каша, туривајќи ја во бакарната тепсија која ја покриваа со загреаниот сач. Неуморни и весели, тие, учениците, се соживеаја со улогата на деца од минатото, а нивната наставничка, проф. Валентина Наумоска, не забораваше да ги потсети на пораката и целта од овој проект- да негуваат почит и љубов кон родниот крај и кон роднокрајните традиционални вредности, кон традиционалните јадења и обичаи. Поучени од тоа, секој од малите ученици учествуваше во секоја од подготовките и правењето на традиционалните јадења: од подготовка на огништата, носење вода, дрва, сеење брашно, мешање во качамакот, месење на коматот, варење на гравот и сутлијашот, печење на селскиот леб… сè до поставување на чиниите и столчињата, до поставување и дегустација на бројните јадења кои денес токму вакви и вака се служат во големите и познати македонски национални гостилници и ресторани.
Изненадувањето на трпезата го дополни и ученикот – седмооодделенец Кирил Симоновски кој воодушевен од помалите и нивните родители, самостојно подготви сутлијаш за сите присутни. А трпезата и украсените маси, столчиња и ѕидови, а особено традиционално фолклорно облечените ученици и родители претставуваа навистина полна глетка убавина за око и за срце – зашто богатството на обичаите и традициите се богатство и за срцето и полнотија за душата.
Едни вакви убави неделни празнични часови вредат да се запишат низ овој мој напис со недореченост од зборови и вреди да се надополни овој мој сеуште сиромашен запис со моите стотина фотографии низ кои ќе ги навраќаат спомените денес присутните, и фотографии кои ќе ги збогатат вашите замисли на вас неприсутните на овој ученички, а голем родољубив проект во кој учениците – денешниците времепловеа по минатото за да ги призацврстат темелите на утрешнината – на македонштината. За наше македонско добро!
Напис и Фотозапис: ДИМ ДОН