Централниот регистар денеска го означи почетокот на примената на Системот за издавање е-потврди, развиен како дел од четвртата фаза на проектот на Владата на Република Македонија за регулаторна гилотина.
Системот овозможува побарување на документи по електронски пат и нивна испорака во дигитална форма заверени од страна на Централниот регистар со електронски потпис или во хартиена форма доколку барателите сакаат да ги преземат во било која регистрациска канцеларија на централниот регистар ширум Македонија. Овој систем дополнително ќе го олесни пристапот на граѓаните и бизнис заедницата до информациите со кои располага Централниот регистар.
„Проектот за издавање на електронски потврди е резултат на бројни состаноци со фирмите и стопанските комори на кои беа истакнати барања кои ја тангираат оваа област. Овој систем овозможува олеснет електронски пристап на бизнис заедницата до многу информации и податоци од тегистрите со кои располага Централниот регистар“, рече премиерот Никола Груевски кој присуствуваше на презентацијата.
Тој посочи дека досега фирмите кои сакаа да учествуваат на некаков тендер најпрво физички требаше да дојдат во Централниот регистар за да ги добијат потребните документи, даљ пополнат посебни барања за секој документ, да ги поднесат до посебните шалтерски одделенија и да чекаат извесен период за да ги добијат документите.
„Со воведувањето на овој систем странките ќе можат преку интернет да си направат нарачка на конкретен документ, електронски да си го платат и да го добијат во дигитална форма или, пак, сите потребни документи да ги добијат наеднаш на едно место во било која подружница од Централниот регистар“, појасни Груевски.
Подвлече дека ваквиот начин на добивање на документите во голема мера ќе им го олесни остварувањето направата на фирмите и водењето разни административни постапки пред државните органи. Нагласи дека земјава во изминатите година направи огромен скок на полето на подобрувањето на условите за водење бизнис и за подобрување на бизнис климата.
„Во изминатите години покажавме и докажавме дека ако се сака може да се постигнат големи резултати на полето на уривање на бирократските процедури. Резултатите се гледаат и може да ги почувствува секој граѓанин и сите што се поврзани со бизнисот. И не е случајно што според извештајот на Дуинг бизнис Република Македонија веќе три години е прва во Европа според индикаторот за отпочнување на бизнис“, нагласи Груевски.
Претседателот на Владата прецизира дека сето тоа е резултат на бројни реформи и комплексни проекти спроведени во интерес на деловната заедница во последните неколку години.
„Остануваме во постојан контакт со компаниите и со сите професионални заедници кои се корисници на државните институции. И понатаму ќе продолжиме да бараме добри идеи и проекти и дза излеземе во пресрет на сите конкретни барања за кои ќе оцениме дека се прифатливи. Секаде каде што можеме да скратиме некоја процедура ќе ја скратиме и подноставиме во интерес на подобрување на бизнис климата и привлекувањето на нови инвеститори“, рече Груевски, нагласувајќи дека Централниот регистар има клучна улога во сите реформи.
Директорот на Централниот регистар Ванчо Костадиновски истакна дека упростувањето на процедурите и постапки за вршење на регистрација во соодветните регистри е резултат на броните проекти реализирани во периодот од 2009 година до сега во Централниот регистар.
„Најголема придобивка од воведувањњето на Системот за издавање на е-потврди е упростување на процедурите и постапките за добивање на потврди. Целта на ситемот е сите податоци да бидат лесно достапни и да им помогне на компаниите при добивање на одредени одобренија и лиценци, како и при донесување на некои деловни одлуки“, рече Костадиновски.
Посочи дека придобивките од воведувањето на сите нови услуги и усовршувањето на веќе имплементираните системи во Централниот регистар ќе овозможат со еден чекор кај регистрацискиот агент да се подготви документацијата без никаков трошок било да е за подтоготвка на документацијата или за надомест до Регистарот.
„На овој начин државата се откажува од 250.000 евра потенцијални приходи на годишно ниво и тие ќе им бидат на располагање на претприемачите на новите компании“, рече Костадиновски.