Состанок на Комитетот за иновации и претприемништво

Претседателот на Владата на Република Македонија, Никола Груевски и членовите на Комитетот за иновации и претприемништво, во рамките на денешниот состанок на Комитетот, остварија средба со членовите на Сојузот на пронаоѓачи и автори на технички унапредувања на Македонија и им честитаа за нивниот успех и освоените награди на 33-тата Меѓународна изложба на пронајдоци, патенти и нови технологии и дизајн „Иноваторство 2013“ која се одржа во Белград, Република Србија.

Во рамките на изложбата, во конкуренција од 110 пронајдоци од 11 држави членки на Меѓународната асоцијација на пронаоѓачи, македонските претставници во категоријата “Пронајдоци” освоија четири медали и тоа:

-златен медал, за пронајдокот “Композитен контејнер за лежиште” за авторот Живко Ширкоски,

-сребрен медал за пронајдокот „Елементи за универзално брзо монтажно скеле“ за авторот Веле Нелковски,

-сребрен медал за пронајдокот „Пост породилна долна облека” за авторот Татјана Гуржанова и

-бронзен медал за пронајдокот „Контејнерски електричен грејач на течности“ за авторот Драгољуб Шешум.

Во категоријата “Нови технологии” нашите претставници освоија три медали и тоа:

-сребрен медал за „Биоразградлива кики саксија“ за авторите Анита Грозданова и Митко Стојановски,

-бронзен медал за „Технологија за добивање на ултра чист селен“ за авторот Владимир Јаќоски и

-бронзен медал за „Синтеза на зеолит ТИП 4А од природна суровина трепел” за авторот Благица Цекова.

Во категоријата „Куп на нациите на млади иноватори“, ученичката Виолета Ингилизова со менторот Сузана Гашчеовска го освои сребрениот медал за трудот “Постапка за добивање биодизел”, а ученикот Христијан Аждерски со менторот Васил Механџиски за трудот “Нови материјали за пронаоѓање алтернативни извори на енергија фулерени” го освои бронзениот медал.

Премиерот Груевски и членовите на Комитетот за иновации и претприемништво ја истакнаа значајноста на ваквите успеси, и воедно ги изразија уверувањата и заложбите за продолжување на ваквите успешни достигнувања. Премиерот Груевски ја истакна и поддршката која Владата на Република Македонија ја дава за зголемување на иноваторско-пронаоѓачката дејност во Македонија како предуслов за постигнување на успешен високо технолошки и одржлив економски развој во нашата држава, која е наменета и за развој и продукција на идеите и производите на иноваторите.