Македонија во спорот за името се залага за интензивен разговор врз основа на аргументи бидејќи аргументите се на наша страна, односно на страната на непопречување на евроинтеграциските напори на земјата и во барање решение кое е базирано на меѓународното право. На полето на префрлање вина и игри од аспект на агенди и одлуки кои се однесува било на НАТО или ЕУ, Грција е страната која ги има сите карти во свои раце. Остануваме посветени на стратешките цели – членството во ЕУ и НАТО.
Ова го изјави Никола Попоски, шефот на македонската дипломатија, на денешната заедничка прес-конференција по завршувањето на Министерскиот состанок на САД- Јадранската повелба, во својство на актуелен претседач со Повелбата, запрашан дали Македонија ќе ја смени стратегијата во однос на Грција апропо членството во ЕУ и НАТО со оглед на константното вето со кое се соочува од грчка страна и извесноста дека следи ново на јунскиот самит на ЕУ.
„За РМ членството во НАТО и ЕУ се стратешки цели. Ние ќе продолжиме да ги правиме сите напори за да ги оствариме овие стратешки цели. Во делот на споредбите се согласувам целосно дека не можеме да повлечеме паралела во ситуација во која имате земји кои се надвор од НАТО или ЕУ која е многу постимулирачка за постигнување решение. Во услови на наметнатиот грчко-македонски спор јасно е дека нивото на мотивација е целосно асиметрично и дека инструментите за блокирање стојат во рацете само на едната страна. Тоа е реалност која Македонија како земја надвор од НАТО и ЕУ не може да ја промени. За нас е значајно да имаме конзистентен став дека ја гледаме Грција како земја партнер и во економска и во политичка и во безбедносна смисла. Нашиот однос во тој правец е позитивен и конструктивен и нема да дозволиме да бидеме вовлечени во игри на префрлање вина, едноставно одложување на одлуките и нерешавање на проблемите“, рече Попоски.
На прашање дали последниот предлог на Нимиц е прифатлив за македонската страна, и дали има информација оти е прифатлив и за грчката страна, Попоски го подвлече конструктивниот пристап кој Македонија континуирано го манифестира.
„Не би сакал да го прејудицирам резултатот од таквиот процес, но сакам јасно и чисто да кажам дека Република Македонија има исклучително конструктивен пристап вклучително и кон оваа иницијатива на медијаторот Нимиц, дејствува проактивно и сака да има интензивирање на овој процес. Во овој момент немаме видено таков гест од грчка страна“, рече Попоски.
Запрашан за коментар за изјавата на грчкиот претседател Папуљас дадена за српска „Политика“ дека Грција го има изодено патот и дека Македонија треба да го направи своето за да се најде компромисно решение за спорот, и оти потврда за тоа е што Македонија е примена во ОН под привременото име, тој рече дека не ја слушнал изјавата, но посочи на фактите во спорот и оти земјата нема интерес да влегува во игра на префрлање вина.
„Судот за тоа кој како дејствува во тој процес треба да биде базиран на факти, а фактите говорат дека во овој момент како и во континуитет претходно Македонија ги исполнила сите претходно преземени обврски кои се дел и од Времената спогодба, вклучително и именувањето во ОН. Од друга страна не би межеле да го кажеме истото за првата страна во овој спор. Македонија е подготвена да продолжи со конструктивниот пристап кој го има во овој процес. Ние сакаме да видиме придвижување, сакаме интензивен дијалог, отворен дијалог врз база на аргументи и со цел да биде решен проблемот кој е наметнат од страна на нашиот јужен сосед. Немаме никаква причина да навлегуваме во префрлање на вина и доколку нашите соседи навистина покажат ниво на посветеност кое нема да биде само реторика, односно само празни зборови, туку навистина пријдат и се согласат на интензивен дијалог кон надминување на овој процес тогаш навистина ќе можеме да го надминеме. РМ не може да види каков било интерес во префрлање на топка и одложување на предизвици. Ако навистина постои подготвеност во Грција, тогаш дајте покажете го тоа, седнете и разговарајте во рамки на процесот кој е инициран од страна на Нимиц за да го надминеме овој проблем“, рече Попоски.
Заменик помошникот државен секретар на САД Филип Рикер на новинарско прашање појасни дека пораката да се искористи процесот што се води ОН и да се интензивираат напорите за решавање на спорот со фокусирање на последниот предлог на Нимиц ја испраќа и до Грција.
„Важно е да се има дијалог не само меѓу владите, туку и во јавноста. Таков развој видовме во Косово и Србија каде во период од една година и двете земји ја искористија можноста дадена од Европската унија, претставена од Кетрин Ештон за да ги нормализираат односите со што се направи голем напредок. Пораката од вчера, пак, е дека САД го поддржуваат процесот што се води во ОН и медијаторот Метју Нимиц и оти се надеваат и очекуваат двете страни во спорот да се фокусираат на прашањето да ги интензивираат напорите за прогрес во спорот“, рече Филип Рикер.