Вчера, низ древниот Охрид дефилираа гардистите на АРМ заедно со Воениот оркестар. Граѓаните на Охрид вистински уживаа во вештините во работа со оружје на припадниците на баталјонот за почести кои ја изведоа точката „ЕГЗИРЦИР“ на што му претходеше марш низ старата Охридска чаршија. Едночасовниот концерт на Воениот оркестар на АРМ се одржа на плоштадот кај стариот чинар, каде во одличната изведба на нумерите од страна на Воениот оркестар, имаа можност да уживаат не само големиот број на граѓани на Охрид, туку и туристите кои престојуваат во нашиот најголем туристички центар.
На концертот на Воениот оркестар во Охрид присуствуваа Државниот секретар во Министерството за одбрана Сашо Стефаноски, претставници на локалната самоуправа од градот Охрид, високи претставници од ГШ на АРМ и други гости.
Со концертот на Воениот оркестар, придружуван од припадниците на баталјонот за почести, заврши првата фаза од проектот за приближување на АРМ до граѓаните и јакнење на цивилно-воената соработка. Во оваа фаза се одржаа концерти во Битола, Прилеп, Струга и Охрид, каде граѓаните на овие градови имаа можност да се дружат со припадниците на АРМ, што е особено важно за населените места каде Армијата нема лоцирано свои гарнизони. Реализацијата на проектот продолжува на есен со гостување на Воениот оркестар во Струмица.