Црна Гора е атрактивна туристичка дестинација, но не само за туристите, туку и за крадците, особено оние кои крадат пари од банкомати, од кредитни картички, во текот на летните месеци.
Овие крадци користат софистицирани методи за симнување на податоците од картичките, а потенцијалните жртви се сите оние кои ги користат картичките, без оглед на сумата со која располагаат.
Овој вид на криминал во Црна Гора е во пораст, не само во сезона кога најчесто се случува, туку и преку целата година. Полицијата во Котор и Будва неодамна спречила обид за поставување на уред за крадење на податоци на банкомати од две банки, а според статистиката крадците најчесто се „на поминување“ низ Црна Гора.
Полицијата очекува голем број на вакви обиди за кражби и ова лето и е во постојан контакт со банките за навремено откривање и спречување на вакви злоупотреби, додека пак на банкарите им се препорачува веднаш да ги пријават сомнителните трансакции.