Утре на охридскиот аеродром Св. Апостол Павле, Амбасадата на Кралството Холандија заедно со нејзините партнери – Општина Охрид, Агенцијата за промоција на туризмот и претставници на локални туристички агенции ќе организираат пречек на 100-тина високи претставници од туристичиот сектор во Холандија. Предводена од главниот извршен директор на холандскиот тур-оператор ТУИ, Стефан Ван Дер Хајден, оваа делегација ќе биде во тридневна посета на земјава.
На самиот пречек ќе присуствуваат претставници од Амбасадата на Кралството Холандија предводени од Н.Е. г-ѓа Мариет Схурман, претставници од Општина Охрид, Агенцијата за промоција на туризмот во Македонија како и претставници од локалните туристички агенции Каратанова Турс и Охрид Холидејс.
Помеѓу другите активности, оваа група составена од преставници од најважните туристички агенции од Холандија, ќе имаат можност лично да ги искусат убавините на Македонија, а меѓу другото и да воспостават основа за понатамошна соработка и зголемување на бројот на холандски туристи во Македонија.
Првата група холандски туристи за летната сезона 2013 пристигна во земјава на 26 Април, кога беа пречекани од амбасадорката на Кралството Холандија во Македонија Н.Е. г-ѓа Мариет Схурман, градоначалникот Охрид, др. Никола Бакрачески и градоначалникот на Струга, др. Зиадин Села, како и претставници од Агенцијата за промоција на туризмот.
За споредба, во 2010 година Македонија ја посетиле вкупно 6612 холандски посетители и туристи, во 2011 година оваа бројка се искачила на вкупно 22 219, а во 2012 на 27 121 холандски посетители и туристи. Оваа бројка бележи нагорен тренд и во текот на оваа летна сезона преку тур-операторите се очекува да пристигнат над 25.000 холандски туристи.