Од 14 до 17 август во Струга ќе се одржи традиционалниот турнир „Струга 2013“. Ова ќе биде 41-во издание на оваа ракометна манифестација. Турнирот ќе се одржи на „Женска плажа“, а ќе се натпреваруваат екипите на: шампионот на Македонија Вардар, ланскиот победник на турнирот Металург, потоа француските екипи Иври и Версај, романскиот првак Констанца (тренер е Звонко Шундовски и игра репрезентативецот Бранислав Ангеловски) и белоруската екипа Мешков Брест.
Екипите ќе бидат поделени во две групи по три. Учеството го откажа повеќекратниот руски шампион Чеховски Медведи, а организаторот Струга ќе настапува во ревијални натпревари.
Директорот Пујовски истакна дека во контиунитет го поддржува овој меѓународен ракометен турнир, вклучително и спортското лето во Струга, кое ќе се организира во време на турнирот.
„За да се има подобри услови за од утре ќе стартуваат градежни работи на теренот, а во план е проширување и на капацитетот на трибините со изградба на уште една на јужната страна. Воедно наша цел е во Струга да играат екипи кои се или биле дел од Лигата на шампионите“, истакна членот на Организациониот одбор Сашо Србиноски на денешната прес-конференција.
Термини за почеток на натпреварите се 19 часот и 20 часот и 45 минути.
Генералниот секретар на РФМ, Филип Милошевски информираше дека во деновите на траење на турнирот ќе се одржи и Конференција на клубовите, потоа Собрание на РФМ, како и семинат на тренери и уште неколку активности поврзани со ракометот.