Увозот на македонски домати во Србија сеуште е дозволен, но до кога?

Македонските власти, минатата недела воведоа ограничување на увозот на пченица и брашно, поради што Србија побара итна седница на заедничкиот комитет на CEFTA и најави контрамерки доколку не се најде решение во рамките на CEFTA. Како евентуални контрамерки се спомнува ограничување на увозот на македонско вино и домати во Србија.

Одредени медиуми пренеле дека Србија наводно не го дозволила увозот на доматите од Македонија, но според српското Министерство за надворешна и внатрешна трговија, нема податоци за случаи на забрана за увоз на домати од Македонија во Србија.

Србија побара итна седница на Централниот комитет на CEFTA, на која ќе побара укинување на одлуката на македонската влада за ограничување на увозот на пченица и брашно. Седницата на централното тело на CEFTA е закажано за 22 јули во Белград, а доколку проблемот со извозот на пченица и брашно не биде решен на оваа седница ќе биде разгледана евентуална примена на реципрочни мерки, истакнаа од српското Министерство за трговија.

Според српското Министерство за земјоделство, на граничниот премин Прешево во изминатите 24 часа се пријавени две пратки со домати со потекло од Македонија, на кои после редовните прегледи им бил дозволен увоз и царинење. Како што е прецизирано, пратките се уредно пријавени до фитосанитарната инспекција во Министерството за земјоделство, а редовните прегледи се спроведени во согласност со Законот за здравје и Законот за безбедност на храна.