Во пресрет на првите 100 дена од отпочнувањето на 4 годишниот мандат на градоначалникот Никола Бакрачески, денеска во големата сала на Општина Охрид, Градоначалникот одржа прес-конференција на која беа презентирани активностите на локалната власт во првите 100 дена.
Градоначалникот Бакрачески во своето експозе даде отчет за сработеното и повторно ја истакна цврстата заложба за поставувањето принципи на современо управување и донесување одлуки, како единствена цел – да одговори на модерните форми на менаџирање со општината и да овозможи подигнување на квалитетот на живот на граѓаните на општина Охрид.
„Изминуваат сто дена од моето преземање на функцијата Градоначалник на Oпштина Охрид. Во принцип, сто дена се доволен период да се направи една рамка на активностите на локалната самоуправа, која понатака треба да се надоградува и разработува. Општина Охрид и јас како прв човек на локалната самоуправа, во овој период бевме исправени пред сериозен предизвик за отпочнување на еден нов начин на управување и функционирање на Охрид, со проекти, кои во Програмата им беа претставени на граѓаните, а тие во големо мнозинство ме легитимираа мене и мојот тим да го спроведеме ветеното. Соочени со сериозни финансиски обврски на општината кои достигаат 32 милиони евра долгови кон голем број физички и правни лица, неорганизирана и неефикасна администрација, 428 судски спорови за неподмирени обврски и блокирана жиро сметка, состојба, која е далеку понеповолна од нашите претпоставки“. – истакна Бакрачески.
Бакрачески напомна дека состојбата со општинските јавни претпријатија исто така е многу тешка.
„Преголеми долгови кои неможат да ги сервисираат, блокирани сметки и огромна превработеност во администрацијата, ги намалуваа перформансите на овие субјекти, загрозувајќи го нивното функционирање. Со спроведување на сосем нов концепт за управување, каде што Јавните претпријатија имаат зголемени обврски во својата работа, воведовме нов менаџмент во управувањето и прифаќање на нови форми на дејности кои може да ги извршуваат. Општинските Јавни претпријатија почнаа редовно да ги подмируваат обврските кон вработените за плати, да ги подмируваат обврските кон добавувачите и да ја вратат довербата кон граѓаните и кон економските партнери.Општинските основни и средни училишта ги затекнавме со долгови за струја, нафта и превоз, а дел од нив со блокирани сметки со што им беше загрозена нивната функција. Заради тоа веднаш пристапивме кон санација на нивните обврски и одблокирање на сметките. Денес во општина Охрид нема училиште кое има блокирано сметка, а како дел од Програмата за развој на образованието, во текот на оваа лето ќе почнат да се санираат сите оние градежни и комунални проблеми кои беа евидентирани изминатиот период“, – додаде Бакрачески.
Во една таква ситуација, како што кажа Бакрачески неопходно беше изнајдување на нови решенија, односно мерки и активности кои ќе придонесат за санирање на состојбата, сервисирање на тековните обврски и отпочнување на нов инвестициски процес кој ќе донесе подобрување на перфомансите на општината и поквалитетен живот за сите наши граѓани.
„Во таа насока го воведовме потребниот и нужен ред во работењето и зајакнување на работната дисциплина, за сите вработени во општинската администрација и јавните претпријатија, како прв услов за ефикасно работење и решавање на потребите на граѓаните во законски утврдениот и разумен рок. Многу сериозно пријдовме кон решавање на проблемот со енормно големиот долг што го има општината, со активен однос со сите доверители, преку договарање на начините на сервисирање на обврските, за што побрзо да биде одблокирана општинската сметка за непречено и ефикасно извршување на работите, а и доверителите да можат да ги наплатат своите побарувања.Формиравме Локален Економски Совет или Совет на Градски Татковци во кој партиципираат докажани имиња во своите проефесии, по потекло од Охрид, кои се состануваа пленарно најмалку еднаш месечно и ги разгледуват конкретните предлози и проекти поврзани со еконономскиот развој на општина Охрид.Заради динамизирање процесот на легализација на бесправно изградените објекти, формиравме 20 тимови од по двајца вработени во локалната администрација, кои од април до јуни посетија околу 5 000 домови, за на барателите да им ја објаснат постапката за легализација“, – нагласи Бакрачески.
Целосно се завршени реконструкциите и асфалтирањето на улиците “Радојца Новичиќ“ во вкупна површина од 9873 метри квадратни;- Улицата “АСНОМ“ во површина од 1609 метри квадратни;- “Јане Сандански“ – 2050 метри квадратни; и – “Сирма Војвода“ – 4517 метри квадратни,а во тек е подготовката за целосно асфалтирање на улиците “Петрино“- 1.526 м2, каде што претходно е потребно тампонирање“Богомилска“- 1.743 м2 и “Крум Точков“- 1.594 м2 каде е предвидено да се постави нова водоводна инсталација и атмосферска канализација. Во делот на уличното и јавното осветлување интервенирано е на улиците: “Крум Точко“, “Карпош Војвода“, “Момчило Јорданоски“, “Марко Цепенков“, “Ариф Мустафа“, “Даме Груев“, “Григор Прличев“, нас. “Свети Стефан“, при што се санирани поголеми или помали дефекти на електричната мрежа и се променети околу 400 неисправни сијалици. Во тек се распишани јавни набавки за изведба и реконструкција на улици: Јане Сандански, Питу Гули, Ристо Чадо, 1- ва Македонска Ударна Бригада, Абас Емин, Васил Стефоски, краци на Ванчо Питошески, Охридати, Момчило Јорданоски, Крсте Мисирков, краци на улица Радојца Новичиќ, Ѓорѓи Сугаре и 28 Април, како и кружни раскрсници : помеѓу бул. Туристичка и ул. Бистрица и кружен тек кај населба Рача.Сите рурални средини предвидено е веднаш после асфалтирањата во урбаниот дел, да добијат асфалтирани улици, за што е распишана јавна набавка која е во тек и тоа-с.Куратица, с.Ливоишта, с. Орман, с.Велгошти, с.Трпејца, с. Пештани, с. Коњско, с. Елшани и населбата Елешец, с. Подмоље и населбата Рача. Распишан е Конкурс за идејно решение за изработка на пешачка патека од канал Студенчишта до Свети Стефан и конкурс за идејно решение за хортикултурно уредување на дел од бул. Св Наум Охридски до населба Св.Стефан. Сите овие активности и зафати се какао што рече Бакрачески се само мал дел од големата одговорност што ја имаме кон граѓаните на Општина Охрид и затоа Ве уверувам дека во наредниот период силно ќе бидеме сконцентрирани на реализација на проектите кои беа дел од понудената програма, а најголемите од нив се започнати или се во фаза на имплементација.
„Така во моментов активно сме насочени кон:- Изработка на документација на изградба на првата технолошко- индустриска зона во Охрид, која треба да се изгради на локалитетот Мауцкер. Сознанијата се дека овој простор во моментов е најадекватен и на него најбрзо може да се реализира овој развоен проект, кој во иднина треба да се донесе инвестиции и изградба на фабрики во кои ќе се вработат наши граѓани;- Во завршна фаза е ревизијата на Стратегијата за економски развој на општина Охрид, која предвидува нов период во економскиот развој на општина Охрид;- Проектот за изградба на затворен пливачки базен на спортско-рекреативниот центар “Билјанини Извори“ е во фаза на изработка на архитектонско – урбанистичка документација, со која ќе се утврди точната локација на објектот. Затворениот базен ќе биде само еден дел од изградбата на современ спортско – рекреативен центар;- Утврдена е локација за изградба на катна гаража во близина на Градскиот пазар, која е предвидена со Детален урбанистички план. Со тоа сметаме дека во многу ќе се подобри паркирањето на автомобили во централното градско подрачје и ќе се намали сообраќајниот метеж. Се работи на постапката за обезбедување документација за реализација на овој проект. Истовремено, се предвидува конечно изработка на Сообраќајна студија за Охрид, која долгорочно ќе го реши проблемот со сообраќајот во градот“, – истакна Бакрачески.
Бакрачески истакна дека наишол на силна поддршка на нивните планови, Охрид да има силен економски развој и да засјае во полна светлина, достојна на неговите историски, културни и природни вредности. На крајот од своето обраќање градоначалникот потсети на неговата изјава при конституирањето на Советот на Општина Охрид дека Општината и градот Охрид повеќе не можат да поднесат импровизации во својот развој.
„Поставувањето принципи на современо управување и донесување одлуки, мора да има една и единствена цел – да одговори на модерните форми на менаџирање со општината и да овозможи подигнување на квалитетот на живот на нашите граѓани. Во извршувањето на функцијата градоначалник и денес и во иднина цврсто ќе стојам на овој став“, – потсети Бакрачески.