Можноста за развој на руралниот туризам во општина Охрид беше една од темите на разговор на денешната средба остварена помеѓу градоначалникот Никола Бакрачески и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димоски.
Министерот изрази силна волја за поддршка на развојот на руралниот туризам во делот на изградба на патната инфраструктура што е од големо значење за општина Охрид.
„Ние како министерство со општина Охрид во делот на развој на туризмот не би можеле да имаме конкретна соработка, но во делот на руралниот туризам, во делот на селскиот туризам и градењето на одредени инфраструктурни објекти, мали селски патчиња, улички и подобрување на животот во самите села е тука можеме навистина плодно да соработуваме“, – рече министерот Димоски.
„Развојот на руралниот туризам посебно во делот на селата Завој, Плаќе, Сирула и Вапила за нас е од мошне големо значење зашто имаме посети на голем број туристи од Холандија и други земји кои пројавуваат интерес за партиципирање во тој рурален туризам. Со поддршка на Министерството ќе имаме можност да обезбедиме средства со кои ќе им помогнеме на локалните жители односно, луѓето кои имаат намера да се занимаваат со рурален туризам да создадат услови во овие краишта во општина Охрид конечно да профункционира руралниот туризам во вистинска смисла на зборот“, – истакна градоначалникот Бакрачески.
Двете страни најавија дека во текот на следната недела посебен тим од министерството за земјоделство и локалната самоуправа ќе го разработат посебениот дел за развојот на руралниот туризам во Општината.
Ваквите активности се исклучително важни зашто реалнооста покажува дека постојат можности и потреби, а што е најбитно постојат и програми и средства за заживување на руралниот туризам во Охрид.