Египќаните во Република Македонија, сметаат дека потпишувањето на Охридскиот Рамковен Договор не вродил со позитивни ефекти за оваа етничка заедница иако истите се мирољубив, автохтон и лојален етникум во Р.Македонија, чии припадници одсекогаш, сакале, сакаат и ќе сакаат на мирен, цивилизациски и демократски начин да ги решаваат проблемите, бидејќи поинаку и не знаат.
„После 12 години, изминати од потпишувањето на Охридскиот Рамковен Договор, за жал, можеме да констатираме дека истиот не даде никакви интегрирачки елементи за етничката заедница на Египќаните во Република Македонија. Можам да констатирам, дека ниту еден Египќанец, не е вработен ниту унапреден во институциите на системот, како деклариран Египќанец. Има неколку вработени Египќани, согласно Охридскиот Рамковен Договор, но кои претходно се произнеле како Албанци или како Роми, што дава дискриминаторски и асимилациски елементи во процесот на спроведување на Охридскиот Рамковен Договор, кој според духот и содржината, има за цел да го зачува мултиетничкиот карактер на државата, која освен таа опција, нема алтернатива, или ако ја смислат, може комотно да биде „ужасно кобна“ за опстанокот на Р.Македонија“, потенцира Демир Далип, овластен застапник на Египќаните за надворешна соработка, кој неодамна истакна дека ќе побара Египќаните од Македонија, да бидат вметнати во Уставната преамбула како посебен етникум.
Како што потенцира Демир Далип, треба да се „прошират“ рамките на Охридскиот Рамковен договор, бидејќи на ова ниво, Египќаните како посебен, автентичен и автохтон етникум не можат да бидат задоволни, бидејќи очекувале со потпишувањето на Охридскиот Рамковен Договор, да се исправи една неправда, во однос на Египќаните, но до ден денес, тоа не се случило.
Тој додава дека за овие ставови бил запознаен и Претседателот на државата, Ѓорѓе Иванов и Владата на РМ, а за да се интензивира процесот, во блиска иднина ќе испрати писма и до актерите, кои биле дел од потпишувањето на Охридскиот Рамковен Договор, како преставници на меѓународната заедница и гаранти за спроведување на истиот.
„Не ни преостанува ништо друго, освен да се надеваме дека ќе се преземат соодветни ефективни мерки, за целосна интеграција на членовите на етничката заедница на Египќаните, во институциите на системот, со што и ние, ќе се чуствуваме како дел од заедничката татковина Република Македонија“, истакнува Далип.