Се формира „Локален совет на млади“

Со решение на градоначалникот Никола Бакрачески, денеска во општина Охрид се формира  постојано работно тело „Локален совет на млади“ за подрачјето на општина Охрид.

„Денес на Светскиот ден на младите го формираме Локалниот совет на млади при општина Охрид, со што конечно ќе излеземе во пресрет на ветувањето за формирање на ова тело со што активно ќе ги вклучиме младите луѓе во Охрид во процесот на донесување на одлуки во локалната самоуправа и секако во процесот на управување со локалната самоуправа.Овој совет ќе биде место каде младите ќе можат да го остваруваат својот поширок општествен интерес , тело кое ќе ги претставува младите, тело каде навремено ќе се детектираат  проблемите на младите и ќе се создаваат иницијативи за нивно брзо решавање“, – истакна градоначалникот Бакрачески.

Горан Шибакоски дипломиран политиколог и магистер по политички науки беше назначен за претседател на Советот на млади кој брои 28 членови од различни профили.

„Нашата работа ќе биде советодавна и консултативна во рамките на работата на градоначалникот каде соодветно ќе бидат третирани  сите проблеми на младите“,  – рече Горан Шибакоски.

На денешната конститутивна седница градоначалникот Бакрачески ги поздрави присутните и им посака плодна и успешна работа во насока на создавање низа нови предлози, идеи и визи за остварување на општествениот интерес на младите кои живеат во овој град.

На конститутивната седница присуствуваше и секретарот на општина Охрид, Димитар Спасески,  кој посочи дека администрацијата со која раководи, ќе излезе во пресрет на сите прашања кои произлегуваат од работата на Советот и ги запозна присутните со Деловникот кој го уредува начинот на работа на постојаното работно тело, односно Локалниот совет на млади.

Lokalen_sovet_mladi_4852

Lokalen_sovet_mladi_4853

Lokalen_sovet_mladi_4854