Невработените лица кои сакаат да започнат сопствен бизнис или да го решат своето вработување и правните субјекти кои сакаат да го прошират и развијат сопствениот бизнис ќе имаат можност да аплицираат за поволни кредити со поедноставени услови. За овие две мерки предвидени се 5,5 милиони евра кои ќе можат да ги искористат околу 1.700 лица.
„Сега преку поедноставени услови и за двете мерки се овозможува на сите невработени лица активни баратели на работа кои се на евиденција само еден ден пред објавување на јавниот оглас да аплицираат, да ја искористат оваа поволна мерка и да се самовработат. За добивање кредит за микро и мали претпријатија ќе биде доволно фирмите да имаат само еден вработен, а не најмалку двајца како досега. Исто така, лицето кое фирмата планира да го вработи, треба да биде во евиденцијата на Агенцијата за вработување само еден ден“, истакна на денешната прес-конференција министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој појасни дека во рамки на мерката кредитирање за самовработување е предвидено за дејности од помал обем за секое новоотворено работно место да се доделуваат по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу три работни места, односно до 9.000 евра, за дејности од поголем обем за кредитобарателот се доделуваат 5.000 евра, а за секое новоотворено работно место по 3.000 евра, при што ќе се финансираат проекти со најмногу пет работни места, односно до 17.000 евра.
Средствата ќе треба да се вратат во рок од три години со вклучен грејс период од една година за кредит до 9.000 евра, односно пет години со вклучен грејс период од една година за кредит над 9.000 евра. Каматна стапка од 1 процент на годишно ниво, а дополнителни стимулативни средства до 1.000 евра се предвидени за лица кои се невработени по основ на технолошки вишок, стечај или ликвидација што имаат користено паричен надоместок најмалку шест месеци и се невработени повеќе од три години.
Министерот Спасов истакна дека за барање за кредит за отворање нови работни места со мерката кредитирање на правни субјекти (микро и мали претпријатија) може да достави правен субјект кој е регистриран најмалку една година, кој има најмалку едно вработено лице минимум три месеци.
„Пријава за учество во оваа мерка можат да достават сите евидентирани невработени лица без оглед на времетраењето на невработеноста, односно лица со статус невработени лица активни баратели на работа кои се на евиденција еден ден пред објавување на јавниот оглас. Секое ново отворено работно место ќе биде кредитирано со 3.000 евра, а ќе може да се аплицира за отворање максимум три нови работни места. Сумата што ќе може апликантот да ја добие изнесува максимум 9.000 евра Со рок за поврат на средствата од три години, со грејс период од една година и со каматна стапка од само 1 процент“, истакна Спасов.
Директорот на Агенцијата за вработување на Република Македонија Владо Поповски истакна дека условите за аплицирање за кредитите се направени на барање на апликантите.
Со измените, рече, кредитите ќе им бидат подостапни на повеќе луѓе, особено рече на младите кои имаат добри идеи, а пред скоро време завршиле образование и не се долго време пријавени како невработени.
„Сега со само еден ден пред објавување на огласот можат да се пријават и да ја преточат својата идеа во бизнис“, рече Поповски.
Кај правните субјекти е намален условот од две на најмалку едно вработено лице, а променет и условот за вработување на невработени лица кои веќе не мора да бидат пријавени најмалку една година, туку е доволно само еден ден.
Поповски како успешна ја оцени досегашната реализација на овие две мерки, истакнувајќи притоа дека околу 60 проценти од средствата кои биле земени се навремено вратени.
Тој додаде дека е намален и периодот на чекање на добивање на средствата од кредитот и оти одсега апликантите ќе треба да чекаат најмногу 45 дена додека не добијат повик од банката да склучат договор и да им бидат исплатени средствата.