Вчера беа одржани првите аукции преку новиот систем за продажба и давање под закуп на деловен простор по електронски пат, односно преку интернет. На вчерашните три аукции, заинтересираните компании се наддаваа за закуп на три деловни простори чиј стопанственик е ЈЗУ универзитетски клиники, завод и ургентен центар Скопје.
Електронскиот систем е развиен од страна на Министерството за транспорт и врски и негова цел е управување и следење на процесот на продажба и издавање на деловен простор во сопственост на Република Македонија. Овој процес го опфаќа целиот циклус од аплицирање до продажба или издавање под закуп на деловен простор преку електронска аукција.
Станува збор за деловниот простор кој е во сопственост или даден на користење на фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, независни регулаторни тела основани од државата и други институции основани од државата, даден на стопанисување на трговски друштва основани од државата, или пак кои се во сопственост или даден на користење на трговски друштва во доминантна сопственост на државата.
Основни функционалности на електронскиот систем e евиденција и преглед на пристигнати барања, креирање на аукција и внесување на објекти што треба да се продаваат или издаваат под закуп, како и спроведување на електронска аукција за квалификуваните учесници.
По завршувањето на електронската аукција системот генерира записник за одржаното наддавање кој се испраќа до сите учесници на наддавањето што значи дека секој ќе има транспарентен увид кога е купен од кој корисник и потребните детали за аукцијата.
Со воведувањето на овој систем се засилува транспарентноста, се поедноставува добивањето информации и нотификации за целиот на продажба и издавање под закуп на деловен простор, а се обезбедува и анонимност на учесниците во електронската аукција за времетраењето на наддавањето.
Освен за наддавачите, повеќекратни придобивки има и за институциите, односно субјектите кои ќе го користат системот, затоа што ќе се овозможи електронска архива на продадени деловни простории и Централизирана база на податоци во врска со продажбата и издавањето на деловен простор.