Македонските компании имаат обврска да воведат А еколошка интрегрирана дозвола до април 2014 година. Денеска владини претставници заедно со претставници од компаниите одржаа средба на која Владата ја искажа намерата да опстои на овој рок. Пораката е дека компаниите имаа доволно време и дека треба да ги забрзаат инвестициите.
„Ценевме дека е правилно навреме да го пратиме сигналот до компаниите дека оваа законска обврска, која што тие ја знаат со години наназад и за која што досега би требало да достават и соодветни оперативни планови до Министерството за животна средина и просторно планирање, да постапуваат по тие оперативни планови и да направат соодветни инвестиции со кои ќе се доведе нивното влијание врз животната средина во рамки на законски прифатливите рамки оти имаме намера да опстоиме на тие определби и дека со самото тоа покажуваме грижа за човечките ресурси, за луѓето, за нивното здравје кое што е највисок приоритет на Владата, повисок дури од економскиот развој, повисок од се друго бидејќи ќе се согласите дека здравјето нема цена“, изјави по средбата вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.
Тој додаде дека во таа насока е соопштен ставот оти е потребно доколку имаат успорено да ги забрзаат своите инвестициски планови со цел да ги исполнат еколошките стандарди за добивање на оваа А еколошка интегрирана дозвола.
Министерот за животна средина и просторно планирање Абдилаќим Адеми потенцира дека бројот на компаниите кои имаат обврска да ги воведат овие стандарди е динамичен и се менува секој ден, но додаде дека како Министерство од почеток истакнале оти овој рок нема да биде пролонгиран и дека компаниите мора да го почитуваат.
„Ние сме во постојана комуникација со поголемите капацитети, бидејќи кај нив инвестициите се поголеми и наидуваме на добро разбирање, односно на соработка затоа што оперативните планови самите компании ги предлагаат до Министерството па потоа ние преку преговори утврдуваме за технологијата, за рокот кој треба да се исполни и слично“, посочи Адеми.
Одговарајќи на новинарско прашање дека прологнирањето на рокот до 2019 година бил воведен како антикризна мерка, Пешевски посочи дека тоа некои компании го разбрале како можност да ги одложат инвестициите и спроведување на оперативните планови.
„Обврската е до април 2014 година. По исклучок може компанијата да побара од Министерството пролонгирање на овој рок со образложение за проблемите зошто не го реализирале оперативниот план. Во тие ситуации може Владата да заземе став дали ќе овозможи или не пролонгирање. Но, тоа не значи дека Владата се согласила или дала политичка порака дека е во ред да продолжи загадувањето до 2019 година“, потенцира Пешевски.
Тој појасни дека би имало флексибилност кај компаниите кои се пристигнати при крај и кај кои има голема инвестиција и е потребно време, но дека ќе се земе предвид колку загадуваат, каков е ефектот и што значи пролонгирањето на рокот.