Сонда на НАСА ја открива темната страна на Месечината

Снимките кои ги собра вселенската сонда „LRO“, им даваат прилика на научниците од Американската Вселенска Агенција (NASA) конечно да се запознаат со темната страна од Месечината.

Импресивното тајм-лапс видео кое го објави НАСА, ја открива ротацијата на Месечината од еден потполно нов агол.

Од Земјата е видлива само една страна од Месечината. Благодарение на мисијата на сондата „Lunar Reconnaissance Orbiter“ (LRO), НАСА сега може да го набљудува тоа што можеа да го видат само неколку привилегирани астронаути.

Сондата „LRO“ која е лансирана во 2009 година, има задача да го проучува природниот сателит на Земјата. Изминатите 4 години сондата ја снимаше Месечината како би им испратила на научниците што е можно повеќе податоци. Направена е кратка видео снимка која им овозможува да се види една „кружна“ панорама на Месечината.

Луѓето на Земјата сега имаат прилика за прв пат да видат што се крие на другата страна на Месечината. Досега таа можност ја имаа само астронаутите од мисиите Аполо во 60-тите и 70-тите години.

Оваа година се предвидени неколку експедиции чија цел ќе биде истражување на Месечината.

НАСА на 6-ти септември ја започна мисијата „Lunar Atmosphere and Dust Environment Explorer“ за истражување на месечевата атмосфера, додека пак, Кина, планира за неколку месеци да започне мисија, во чии рамки ќе спушти специјален ровер за истражување на Месечината.