Раднички Крагујевац победник на „Охрид Трофеј 2013“

Екипата на Раднички од Крагујевац е победник во финалето на „Охрид Трофеј 2013“.

Во доста изедначена игра, најпрво екипата на МЗТ Скопје имаше блага предност во првата четвртина, но тимот на Раднички Крагујевац успеа да ја стигне таа предност и во втората четвртина да го израмни резултатот со што на полувреме се замина со резултат42-42.

Во второто полувреме играта повторно беше изедначена, со чести прекини, прекршоци, слободни фрлања, тајмаути, без некоја течна игра, со пресврти, во водство доаѓаа и двата тимови. Генерално изедначена борба, во последните минути гостите од Србија дојдоа до мала предност, која за миг се чинеше дека е доволна, но еден напад и плус две слободни фрлања за тимот на МЗТ повторно го изедначи резултатот на овој натпревар кој заврши 78-78 во регуларниот дел.

Во продолжението тимот на Раднички повторно успеа да избега со неколку поени, кои реално беа достижни во последните секунди, но во последниот напад тимот на МЗТ не поентираше, што беше клучно за победата на Раднички Крагујевац од само 2 поени разлика, односно 88-90.

Трофејот на победниците им го врачи градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески.

Од страна на организаторите на „Охрид Трофеј 2013“ на полувремето беше  организирана и наградна игра, беа извлечени двајца потенцијални добитници на 10 илјади денари, но откако не успеаа по три обиди да дадат кош, организаторот се реши овие средства да ги донира, односно да му донира спортска опрема на некое училиште од Охрид.

Третото место го освои екипата на Лукоил Академик од Бугарија, која го победи Металац Ваљево од Србија со 79-67. 

 

WebOhrid