На 23 септември 2013 година во Њујорк, во седиштето на ОН, министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, учествуваше на неформален министерски состанок на земјите членки на Меѓународната организација на Франкофонијата.
Состанокот се одржа во рамките на 68-то ГС на ОН и беше посветен на франкофонската солидарност, како и напорите што треба да се преземат во насока на одржување на мирот и безбедноста на франкофонските простории.
Министерот Попоски по состанокот истакна: “Одлично видување на Бан-Ки Мун на француски, за тоа како група земји кои ги поврзува јазик може да промовираат мир и стабилност глобално.”
Министерот Попски исто така учествуваше на состанок на високо ниво за постигнување на Милениумските развојни цели за лица со попреченост во развојот на тема: “Патот напред: инклузивна развојна агенда за попреченост кон 2015-та и потоа.“
“Еден од седум луѓе во светот живее со некој вид на попреченост во развојот” – потенцираше Министерот Попоски. “Една милијарда луѓе. Ние мораме да се осигураме дека нивните интереси се вклучени, нивните предизвици земени предвид во развојната агенда која сега ја градиме”.
Учесниците на состанокот на високо ниво усвоија завршен документ за постигнување Милениумските развојни цели за лицата со хендикеп до 2015-та година и понатаму.
На маргините на 68-та сесија на Генералното собрание на ОН, МНР Попоски оствари средба и со генералниот секретар на ОБСЕ, Ламберто Заниер. За време на средбата министерот Попоски ја истакна успешната соработка на Република Македонија со Организацијата за безбедност и соработка во Европа и со нејзините институции, посочувајќи ја соработката со Претставникот на ОБСЕ за слобода на медиумите во однос на изработката на предлог Законите за медиуми и за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и со Високиот комесар за национални малцинства во однос на изработката и имплементацијата на Стратегијата за интегрирано образование.
Министерот Попоски се осврна и на проектните активности на Мисијата на ОБСЕ во Република Македонија односно на потребата тие да се намалуваат и да бидат во насока на исполнување на нашите европски аспирации. По средбата тој истакна: “Основната мисија на ОБСЕ во Македонија е одамна надмината. Сепак, придонесот е најкорисен ако е посветен кон споделување експертиза од земји членки при реформите битни за нашата ЕУ интеграција.”
Министерот Попоски оствари и билатерална средба министерот за надворешни работи на Нов Зеланд, Мари Макали, а со претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски учествуваше на работен ручек со сопственикот на списанието Форбс, како и на средба со македонската дијаспора во Њујорк.