Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски денес се обрати пред шеесеттина компании членки на Стопанската комора на Македонија на работилницата на која беше презентирана новата процедура како дел од имплементацијата на Правилникот за општите барања за безбедност на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната. Како што истакна тој, станува на една исклучително важна тема и за потрошувачите и за компаниите, но и за Агенцијата како орган на државната управа одговорен за безбедноста на храната, а со тоа и за здравјето на потрошувачите.
„Станува збор за не многу нова материја и непозната за вас, но, исклучително важна, осбено сега, кога од ден на ден, на пазарот се пласираат нови, досега непознати материјали и производи кои доаѓаат во контакт со храната, а без кои е незамислсиво функционирањето на прехранбениот сектор. Затоа за нас оваа тема е една од приоритетните, особено во време кога и Европската унија се повеќе ги заострува безбедносните критериуми и барањата за храната. Носењето на легислативата која ја регулира ова област кај нас, не претставува грубо пресликување на европските правила, туку голем предизвик, во соработка со вас бизнис операторите со храна, теоријата да ја преточиме во пракса во интерес на безбедноста и здравјето на граѓаните“, – истакна директорот Рунтевски.
Поради предизвикот да одговорите на современите барања на потрошувачите и на пазарот да понудите максимално безбеден производ, потенцира тој и пред вас, компаниите производители, преработувачи, увозници на храна и на материјали и производи кои доаѓаат во контакт со храната, сега се наоѓа исклучително голема обврска за усогласување со прописите од областа на безбедност на храната која ги опфаќа и материјалите и производите што доаѓаат во контакт со неа, односно нивното производство и увоз, утврдени во Правилникот.
„Правилникот е донесен минатата година, а во меѓувреме се донесени и правилниците за посебните барања за керамичките производи, за супстанциите кои се испуштаат од детските цуцли во храната, а наскоро ќе биде донесен Правилникот за пластични материјали кои доаѓаат во контакт со храната кој претставува усогласување на националната со најновата европска легислатива од оваа област, како и Правилникот за активни и интелигентни материјали, кои се новина и на нашиот пазар. Со донесувањето на овие подзаконски акти ќе биде заокружена правната рамка за регулирање на областа која се однесува на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната“, – истакна тој.
Агенцијата за храна и ветеринарство ја воспостави и процедурата за одобрување на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната и кои се користат во производството. И досега, појасни тој, контролата на материјалите кои доаѓаат во контакт со храната правно беше регулирана, но, новата процедура за увоз на вакви материјали е упростена и обезбедува побрз и побезбеден увоз.
Во интерес на интензивирање на соработката со операторите со храна и обезбедување на поголема безбедност за граѓаните, но пред се заради правилна имплементација на одредбите од Правилникот, на работилницата беа презентирани европската и националната легислатива која ја регулира оваа област, постапката за авторизација, одобрување и давање на мислење за издавање на одобрение од страна на Агенцијата за увоз и употреба на материјали и производи кои доаѓаат во контакт со храната, како и постапката за контрола при увоз на ваквите материјали.
До Агенцијата за храна и ветеринарство се доставени 114 барања за одобрување на материјали и производи кои доаѓаат во контакт со храната, од кои триесеттина се веќе одобрени. Директорот Рунтевски упати апел до компаниите да побрзаат со обврската за доставување барање за регистрација, одобрување и авторизација на производите и материјалите што доаѓаат во контакт со храната, бидејќи Правилникот ќе почне да се применува од 1 октомври.